Конечно начин како да се збогатиш од поезија

Еве како да се исплатат сите оние школски дрндања околу тоа „што сакал поетот да каже" со некој стих. Оној кој ќе ги пробие значењата на една песна може да најде вистинско сандаче со богатство, скриено во близина на канадската граница.

Форест Фен е 85-годишен милионер, поранешен воен пилот кој учествувал во војната во Виетнам, самообразован археолог и успешен дилер со уметнички дела. Тој некаде во Карпестите планини, на над 1500 метри надморска висина, скрил рељефно украсено ковчеже, полно со златници и други скапоцености.

„Никој не знае каде се наоѓа ковчежево освен јас. Ако умрам утре, информацијата за неговата локација ќе замине со мене", вели тој.

Подетални но шифрирани упатства тој оставил во една од песните објавени во неговата книга-самиздат „Возбудата на потрагата". Шест години по нејзиното објавување, десетина илјади луѓе се имаат упатено на локацијата, за да бараат нешто за што се верува дека вреди над милион долари.

Освен за забава, Фен вели дека го скрил ковчежето во екот на големата финансиска криза во САД за на луѓето да им даде надеж, и да ги извади од дома, за тие да пешачат во природа. „Секако дека сум ексцентрик. Се гордеам со тоа. Не сакам да одам по вообичаениот пат како многумина", вели милионеров.

Ако сте помеѓу заинтересираните, еве некои од хинтовите во песната (а ги има вкупно 9):

„Почни онаму кадешто запираат топлите води
и земи да се симнуваш по кањонот,
не далеку, но премногу далеку за пешки."

Целата песна тука. Нам ни звучи како да треба да фатиме накај Демир Капија. 

15 март 2016 - 16:14