Кончита и контроверзноста на женската брада

Во муабетите околу ликот и делото на Кончита Вурст сигурно имаше елементи и на хомофобија и на трансфобија. Но кога сè ќе се сведе, неговата/нејзината сексуалната ориентација и „вистинска" полова припадност всушност беа второстепени. И претходно имаше трансвестит на Евровизија, па никој не крена толкава џева. Целата разлика овој пат ја направи - брадата.

Има една дефиниција на „валканото" на антропологот Мери Даглас, која вели - валкано е она кое не е на неговото место. Крајно едноставна, таа може да се примени и на физички, но и на психолошки „неред", и да е извор на немир и jaнѕа - оној тип страв кој во најмала рака те прави претпазлив и резервиран, а во поекстремна варијанта агресивен и насилен.

Што бара брада на нешто што изгледа и се однесува како женско? е базичното прашање на кое реагираа оние кои ваквиот природен и општествен „неред" го доживеаа како закана по глобалниот поредок на нештата, во кој да се знае што е машко а што женско е основа на мирот и стабилноста. Но андрогиноста (тоа „ни машко-ни женско", или и двете одеднаш) не само што не е нов феномен, туку е еден од најдревните принципи вградени во митологијата на бројни народи, па дури - колку и да звучи чудно - на Македонецот. „Бабата"/„невестата" и дедото во василичарските обичаи за стара нова година, кога преку нивниот симулиран полов однос се пресоздава светот, за раат да си ја поживееме и следната година? Она знакче јинг/јанг во таоизмот, со бела точка во црното поле, а црна во белото? И на апла, но и на посуптилно ниво, се работи за истото - цело е кога има сè, кога има и машко и женско, и кога границите помеѓу нив се лизгачки.

Но разликата помеѓу некогашниот и современиот однос кон андрогиноста на моменти е запрепастувачка. Додека во минатото ваквата полова збрка се сметала за извор на светост и кон неа се однесувале со стравопочит, денес таа вади од памет, згрозува и вознемирува, ама на лош начин. Што ли се случило во меѓувреме што толку ја разнишало нашата самодоверба?

Во петиот век пред наша ера Хипократ, таткото на модерната медицина, документирал постоење на брадеста свештеничка по име Атина (објаснување за 12-те поени од Грција?). Се верувало дека нејзината брада ѝ дава посебни, видовити способности, па таа ја негувала со посебно внимание. Во средниот век повеќето брадести жени биле третирани како вештерки, но во 14. век една шпанска монахиња била прогласена за светица - Св. Паула Брадестата се уште се прославува секој 20. јануари. 20. јули пак е Света Вилгерфортис, ќерката на кралот на Португалија, за која исто така се тврди дека имала брада.

Во ренесансата брадестите дами почнале да се изложуваат себеси за пари, а еден од најпознатите примери на правење кариера од сопствената влакнетост е оној од 19. век, на Јозефина Боасдешен. Родена во швајцарското село Версоа, таа од бебе имала тенко крзно по целото тело, а на 2 години и брада. Нејзината состојба денес е позната како хирзутизам, и главно има врска со хормони и ендокринологија. Нејзините родители ја носеле по доктори, но тие препорачале влакната да не се чепкаат, за ситуацијата да не се влоши.

Но тоа што Јозефина имала брада не било пречка да го заврши своето образование во интернат за девојки, каде ја научиле на дамско однесување, грациозност и бон-тон. Нејзината појава секако предизвикувала огромен интерес, па за да го извлече најдоброто од судбината таа почнала да се појавува на јавни настапи во Женева и во Франција, со татко ѝ како менаџер. Најголем успех постигнала кога почнала да настапува во Њујорк, под името „Брадестата госпоѓа од Женева". Брадата ѝ била потсечена во стилот на Наполеон Трети, а гардеробата ѝ била раскошно викторијанска, украсена со скапоцен накит. Во меѓувреме и се омажила и родила две деца - едното умрело многу рано, а другото уште од мало имало густа брада.

И покрај ова, се рашириле гласови дека таа е всушност машко и дека целата работа е измама. Случајот завршил на суд, а процесот бил медиумско лудило. Тројца доктори на крај сепак потврдиле пред судот дека Јозефина е женско. Откако целата работа завршила некој го обвинил нејзиниот американски менаџер дека намерно предизвикал вакви гласини за да привлече внимание. Во тоа дефинитивно успеал, бидејќи во текот на судењето дури 3 милиони луѓе платиле за да ја видат Јозефина во живо. Нејзината популарност продолжила уште некое време, но нејзините подоцнежни години не се познати, исто како и околностите и датумот на нејзината смрт.

Контроверзноста поврзана со андрогиноста, а особено со женската брада која боде очи повеќе од кое и да е друго маскулизирано телесно својство (и Мадона има јаки мускули па никој не се сомнева во нејзината женственост), очигледно трае. Кончита објасни дека го зела презимето „Вурст" бидејки das ist mir Wurst на австриски сленг значело „сеедно ми е". Со оглед на тоа што „кончита" пак на шпански може да значи и вагина, а вурст на германски е официјално колбас, на македонски целата работа може елегантно да се сумира со - „баш ме боли, и тоа и тоа".

12 мај 2014 - 09:06