Ле 50 нијанси ла досада

Кому бе ти садо-мазо?

Изгледа Французите го прочитале нашиот осврт за „50 нијанси сиво", па сега и тие не се нешто воодушевени што книгава е преведена на француски и што таа наскоро пристигнува во нивните книжарници.

Можеби е до традиционалното ривалство помеѓу старата добра Англија и Наполеонска Франција. Или е до тоа што Французите се сметаат за мајстори на жанрот, со оглед на географското потекло на делата на де Сад или на Приказната за О. Но додека француските книжарници почнуваат да ги редат излозите со Cinquante Nuances de Grey, Галите се сомневаат дека би можеле да научат нешто за садомазохизмот од Англо-Саксонците.

Дописничката на Гардијан од Париз, Ким Вилшер, вели дека веројатно се работи за судир помеѓу англо-саксонската хипокризија и стариот, автеничен С/М на Французите. Додека последниов е таков - сиров и оригинален - оној на Џејмс е „безначаен, консензуален и клише, како фантазии во ефтин секси шоп".

Slate.fr, пак, објави дека „50 нијанси нема интелектуална конструкција, и токму тоа ја прави бескрајно полоша од Сад или Приказната за О. Во неа ја нема ни поетската еротика која ќе ја најдете во книгите на Анаис Нин. Тоа е 50 нијанси досада."

Mais oui! - би додале.

17 октомври 2012 - 15:32