Џиновска гилотина, меѓуградски тобоган...

Колосални објекти кои никогаш не биле изградени

Биле замислени во време на верба во технологијата како средство за подобрување на животот и културен натпревар меѓу народите. Откачени, храбри, скапи, тие останале на хартија, да сведочат за човечкиот полет и амбиција. 

Во тек на скоро два века светските саеми претставувале глобална сцена за иновативни, понекогаш дури и радикални дизајни и архитектура. Кристалната палата која била изградена во 1851 за првиот меѓународен саем во Лондон е еден таков пример - 293.000 панели стакло кои на место ги држеле 1000 железни столбови. Слични примери на занаетчиска и уметничка ингениозност биле Атомиумот во Брисел, „Спејс нидл“ во Сиетл и две градби кои станале симбол на напредокот и човечкото издигнување кон височините. Едната е Ајфеловата кула, која била отворена за време на универзалната изложба од 1889, а втора Панорамското тркало изградено во 1893 и пуштено во употреба на светската изложба во Чикаго во 1893.

Денес тие се едни од најпознатите градби во историјата, но можело лесно да се случи никогаш да не бидат изведени. На пример кулата на Ајфел била само еден од речиси 700-те предложени проекти за Парискиот саем.

Еден од нив била дури 304 метри висока гилотина (слика горе), која требало да им оддаде чест на сите обезглавени во француската историја, најмалку 17,000 луѓе во текот на владеењето на кралот Луј 16 и кралицата Марија Антоанета. За овој столб со големина на Годзила, дополнет со огромно сечило, нема сочувани илустрации, не постои манифест кој би го објаснил концептот, ниту спецификации за големината на острицата. Само доволно распрскани назнаки кои се доволни да ја поттикнат нашата љубопитност.

Откако била завршена, Ајфеловата кула требало да трае максимум 20 години а потоа да биде демолирана. Но била спасена, и поради тоа што станала крајно популарна, но и затоа што врвот служел како радиотелеграфски предавател. Кога се покренала дискусија за подобрување на нејзината структура, инженерот Шарл Карон од Гренобл, Швајцарија сугерирал некаков контејнер, тежок 9 тона, кој би бил додаден во средиштето на кулата. Кога туристите ќе седнеле во оваа капсула, на 20-те кожни фотељи, таа требало да се спушти во вештачко езеро во форма на чаша шампањ. Подоцна некој со подобро знаење на физика пресметал дека капсулата би удрила во водата со брзина од 289 километри на час.

На Париската изложба од 1937, францускиот инженер Еуген Фресин испланирал изградба на „Светилник на светот“ - колосална градба која требало да биде голема колку Емпајр стејт билдинг и Ајфеловата кула ставени едно врз друго. Околу нив како лозница требало да има врти патека која би овозможила движење на автомобили, паркирање во гаража со 500 автомобили и кратка прошетка до ресторан со 2000 места. Во денешни пари овој „замок во воздухот“ требало да чини 46 милиони долари - и сето тоа за време на големата светска депресија.

Сепак, овие градби изгледаат како џуџиња во однос на некои предложени за Светската изложба од 1893 во Чикаго. Пред организаторите да се одлучат за панорамското тркало на Џорџ Вашингтон Гејл Ферис џуниор (од таму и англиското „ферис вил“), слушнале предлог од компанијата Тобоган Транспорејшн, која понудила столб висок 2,7 километри, три пати поголем од Бурџ Калифа, во моментов највисоката градба на земјината топка. Ексцентричната конструкција требало да ги поврзе Чикаго, Њујорк и Бостон со тобогани, и на тој начин да привлече гости и на изложбата. Звучи како виц, но во тоа време на екстремни градби и не било така далеку од умот да се помисли дека некој би се нафатил да ја направи.

Меѓу оние на врвот на откаченост е градбата на архитектот Алберто де Паласио Елисањ за истата изложба во Чикаго. Вештачки направена планета со спирална патека до „Северниот пол“, каде имало реплика на еден од бродовите на Колумбо, во чија чест се организирала изложбата. Требало да чини 168 милиони долари во денешни пари, и иако не била никогаш изградена, се нашла на насловната страница на Scientific American.

Moжеби фактот што овие замислени градби никогаш не биле изградени им додава на атрактивноста и мистериозноста - недопрени од времето и неговиот заб, тие остануваат симбол на човечката имагинација и амбиција.

извор