Колку личен простор ни е навистина потребен?

Не фигуративно, туку буквално. Туркање во автобус, непосакувано гушкање, дишење во врат - сето тоа се доживува како загрозување на личниот простор. Иако радиусот на ваквата територија се базира и на културата, потребата тој да се има (или да се препушти на друг) е длабоко еволутивна, вели нова книга.

„Просторот помеѓу нас: приказна за невронаука, еволуција и човечка природа“ на Мајкл Грацијано, е нова книга која ја третира дистанцата од другите како инстинктивен, а сепак многу прецизно наштелуван танц.

Постојано се трудиме да си го одржиме сопствениот простор и, согласно социјалните норми, да не го нарушиме премногу туѓиот, за тоа да не се сфати како агресија и провокација. Но обично ова не го правиме на рационален начин. Правилата за личен простор лежат длабоко под површината на свеста, вели Грацијано. Дејствуваме и реагираме целосно инстинктивно, а само во екстремни случаи (како кога Трамп агресивно му го нарушува личниот простор на Макрон за да покаже доминација), му посветуваме свесно внимание.

Личниот простор научно прв пат е истражуван од зоолог, Хајни Хедигер, кој бил директор на Зоолошката во Цирих во 1950-тите. Животните во зоолошка можат да се чувствуваат пријатно (онолку колку што се може во заточеништво) само ако нивните кафези се така дизајнирани да овозможуваат заштитена територија. Но кога ги проучувал животните во дивина, Хедигер забележал втор вид на територија, помала, во вид на „мобилен меур“ присоединет кон телото. Тој ја нарекол „дистанца за бегство“.

Кога некое животно ќе види потенцијален предатор, тоа не почнува веднаш да трча. Застанува и прави нешто што изгледа како геометриска проценка. Кога заканата ќе влезе во невидливата заштитна зона, тогаш тоа се оддалечува и повторно ја воспоставува истата. Ова Хедигер го мерел со тоа што самиот им го нарушувал просторот на зебрите и на сличните на нив.

Генерално, колку што е животното поголемо, толку е поголема и зоната. Гуштерче на пример се вознемирува на неколку метри оддалеченост. Еден крокодил има околу 50 метри личен простор. Припитомените животни имаат мали лични простори, не повеќе од еден метар.

Работата на Хедигер го инспирирала американскиот психолог Едвард Хол кој во 1966 објавил книга која се смета за класика кога станува збор човечкиот простор - „Скриената димензија“. Хол ги набљудувал луѓето како што Хедигер ги истражувал животните. И тоа како припитомени животни со мала зона на бегство која ја употребуваме со меѓусебна доверба и почит. Тој е и првиот кој сугерирал културолошка разлика помеѓу обемот на личниот простор, нешто на што Грацијано се спротивставува, велејќи дека се работи за стигматизирачки стереотипи, а дека личниот простор е универзална карактеристика, вградена во човечкиот генетски код.

Оваа книга поттикнала бројни експерименти со личниот простор, за да се утврдат неговата величина и последиците од неговото нарушување. Во еден од поинтересните се мерело почетокот на мочањето во машко ВЦ, во зависност од тоа дали до оној кој во моментот „пушта вода“ има некој што му го загрозува просторот.

Еден од поважните заклучоци на огромната литература на оваа тема е дека личниот простор се шири во состојба на вознемиреност. Ако сте под стрес, кругот околу вас кој ве заштитува се зголемува. Ако сте моќник со огромно его (хинт: Трамп, пак), тогаш ја имате најмала можна лична бафер зона.

Грацијано сепак во последно време забележува радикална промена - како што општествениот живот се сели онлајн, стариот „штит“ на физички простор околу телото станува помалку релевантен. Наместо тоа влегуваме во интеракција со други во вид на безоблични ентитети, како пакети информации, во домен во кој не важи метричката дистанца. Човечкиот социјален „танц“ е реструктуриран на фундаментално ниво. На некој начин го губиме тоа чувство на телесна потреба да се заштитиме, и тргањето на овој оклоп може да значи и отапување на нашите инстинкти.

Но ако Грацијано е во право, тогаш нема за што да се грижиме, барем не се уште. Нешто што еволутивно било одржувано со милениуми нема шанси толку лесно да исчезне. Ако ништо друго, како шубе кога некој „натрапник“ ќе ти влезе на фејсбук ѕидот или во инбокс.

Извор: Атлантик