Тину-нину

Кој е тука психопатот?

Едно попладне во октомври 2005, невронаучникот Џејмс Фалон разгледувал снимки од мозоци на сериски убијци. И открил нешто неверојатно, за што напишал и книга.

Тој ден бил сосема вообичаен за работата на професорот - како дел од истражувачки проект во кој учествувал, тој секојдневно минувал низ ПЕТ-скенови, преку кои се обидувал да пронајде анатомски шеми во мозокот кои имаат некаква врска со психопатолошките тенденции на нивните сопственици во реалниот свет.

„Разгледував бројни скенови, на убијци, помешани со шизофреници, депресивци, и други, нормални мозоци", вели тој. „Случајно, истовремено истражував нешто во врска со Алцхајмер, и заради тоа имав мозочни снимки од мене и секој член од моето семејство на работната маса. Стигнав до дното на купчето, и видов скен кој очигледно беше патолошки, бидејќи покажуваше ниска активност во одредени области поврзани со емпатијата, моралноста и самоконтролата."

Бидејќи секој скен бил одбележан со код, во прв момент Фалон не знаел за кого се работи, освен дека сигурно е некој член од неговото семејство. Кога проверил ја сфатил неверојатната вистина - психопатскиот мозок на сликата бил неговиот.

Она што ја разликува неговата постапка од онаа кон која би прибегнале повеќето истражувачи е што тој не само што не го скрил овој факт, туку напишал цела книга за ова искуство, под наслов „Психопат внатре: лично патување на темната страна на мозокот на еден невронаучник". Во неа објаснува како е можно тој - среќно женет семеен човек - да има мозок анатомски идентичен со оној на сериските убијци.

„Никогаш не сум убил никого, ниту пак сум силувал", продолжува Фалон. „Така што првото што го помислив беше дека мојата хипотеза е можеби погрешна, и дека овие мозочни области не ја отсликуваат психопатологијата или однесувањето на убиец".

Но кога минал и низ серија генетски тестови, добил уште пострашна слика - алели кои се високо ризични во однос на агресија и насилство, а истовремено слаби на емпатија. По сите можни испитувања, неговата утеха била - да, тој е психопат, но она што се нарекува „про-социјален психопат", некој кој тешко доживува вистинска емпатија за другите, но сепак се однесува согласно општествено прифатените правила. Тоа дека некој со гени и мозок на психопат може на крај да испадне ненасилен, стабилен и успешен научник направило Фалон да го преиспита самиот термин. Не сите психопати убиваат, а некои можат и да не покажат видливи симптоми на психопатско однесување.

Самиот Фалон признава дека е претерано компетитивен, и дека дури ни на внуците не им дозволува да победат во некоја игра. „Шупак сум, и правам работи што ги нервираат луѓето. Но иако сум агресивен, мојата агресија е сублимирана - порадо би победил некого во дискусија, отколку да го натепам", вели тој. Според него главна улога во неговото поголемо социјализирање одиграле неговите родители, кои го сакале и го заштитувале. Секако, после генетиските, и факторите на околината, постои и трет, ако верувате во него: слободната волја. Сега кога веќе е свесен за неговиот потенцијал на психопат Фалон малку повеќе внимава на другите луѓе.

И после науката не била корисна...

Шестминутно видео во кое Фалон ја раскажува неговата приказна на ТЕД. 

Извор: Смитсонијан

(на сликата) Споредено со контролниот примерок, мозокот на Фалон покажува значајно намалена активност во областите поврзани со емпатија и моралност - анатомски карактеристики кои се поврзувани со психопатолошко однесување.

25 ноември 2013 - 07:25