Нобелова за книжевност 2014

Кој е Патрик Модијано?

Нобеловата за книжевност досега е доделена 107 пати на 111 писатели. Англискиот јазик води со 30 добитници, а денес пред германскиот, со 14 наградени писатели-франкофони, изби францускиот, на којшто пишува и авторот кој до сега не беше многу познат вон границите на неговата татковина.

Академијата го опишува Патрик Модијано (со акцент на последното О) како романсиер чие дело се фокусира на нацистичката окупација на Франција, уште нарекувајќи го и „Марсел Пруст на нашето време". Дебитирал во 1968 со романот „Плоштадот на ѕвездата", а неговиот шести роман, „Исчезнатото лице" (или според оригиналниот наслов: Улица на опскурните продавници) ја добил престижната награда Гонкур.

Други негови дела вклучуваат детски книги и сценарија, но главно се занимаваат со проблемот на сеќавањето и идентитетот. Едно од најголемите влијанија врз неговото пишување имал неговиот професор по геометрија во гимназија, славниот Рејмон Кено („Стилски вежби"), познат по комбинирањето на математиката со книжевноста. 

69-годишниот автор ретко се појавува во јавноста и живее прилично повлечено, па Академијата имала проблем да го најде за да му јави за наградата. Иако сега француските медиуми вријат од текстови за Модијано, пред само три дена Ле Фигаро беше изненаден што тој е помеѓу петте фаворити во обложувалницата Ladbrokes. Сепак, весникот забележа некои сличности помеѓу него и друг француски добитник на Нобеловата - на пример тоа дека неговата дебитантска книга е преведена на 36 јазици, исто како и онаа на Жан-Мари Гистав Ле Клезио, писател со француско и маврициско потекло кој ја доби Нобеловата во 2008, а и тоа дека двајцата автори имаат ист шведски издавач, за кого се вели дека е „близок до жирито". Што и да било одлучувачко од сето ова, Модијано се впишува во историјата на Нобел. 

9 октомври 2014 - 15:45