Кој е поетот во чија чест Пуси Рајот упаднаа на финалето на Светското првенство?

Натпреварот помеѓу Хрватска и Франција беше на кратко прекинат од четворица „натрапници“ кои протрчаа по теренот. Иако камерите не го пренесуваа инцидентот во живо, многу брзо се дозна кој стои зад нив.

Зад упадот на финалето на Светското фудбалско првенство застана Пуси Рајот, руската протестнa група од Москва, позната по герила перформансите против политиката на Путин. Тие на социјалните мрежи соопштија дека „Полицаецот влегува во игра“, како што ја нарекоа акцијата, ја посветуваат на 11-годишнината од смртта на славниот дисидентски поет од времето на СССР, Дмитриј Пригов. Така, протрчувањето на четворица нивни активисти по теренот, пред очите на самиот Путин кој го следеше натпреварот, стана потсетник на ликот и делото на овој автор.

Дмитриј Александрович Пригов (1940), по образование вајар, бил дел од московската авангарда од 1970-тите. Напишал скоро 36.000 песни кои не биле официјално објавувани до крајот на комунизмот. Тој самиот ги делел во форма на флаери, или ги испишувал на конзерви, а изведувал и перформанси со џез и класични музичари. При една таква акција во 1986, кога Пригов им подавал песни на минувачи копирани на шапилограф, КГБ го апси и го испраќа во психијатриска болница. Признанија за неговата уметност почнале да пристигнуваат дури по промената на системот, а во 2011 музејот Ермитаж организирал негова голема ретроспективна изложба во Венеција во текот на 54-тото биенале.

На концептуално ниво, заедно со критичарот Михаил Епштајн, Пригов ја промовирал руската варијанта на „Новата искреност“ (чиј главен претставник во САД е Дејвид Фостер Валас), како одговор на доминантното чувство на апсурдност во доцната советска и пост-советска култура. Според нив тоа требало да биде експеримент на воскреснување на „паднатиот“, мртов јазик, со обновен патос на љубов, сентименталност и ентузијазам. Починал од срцев удар во 2007, на возраст од 66 години, во момент кога планирал настан при кој требало да седи во шифоњер читајќи поезија, додека членови на групата Воина го качуваат по скалите на Московскиот државен универзитет.

Еден од ликовите кој често се појавува во неговите дела, е полицаецот, оној светлиот, небескиот и неговото алтер-его, „обичниот“, земскиот. Првиот, според Пригов, зборува со самиот Господ, додека вториот се подготвува да разбива протести. Небескиот полицаец го штити бебешкиот сон, земскиот ги прогонува политичките затвореници, и апси луѓе заради баналности. Небесниот полицаец е организатор на убавиот карневал на Светското првенство, земскиот се плаши од прославата.

„Кога земскиот полицаец ќе влезе во играта, ние бараме: да се ослободат политичките затвореници, да не се затвораат луѓе за лајкови, да запрат нелегалните апсења на протести, да се овозможи политички натпревар во земјата, да не се фабрикуваат обвинувања и земскиот полицаец да се претвори во небески полицаец“, напишаа Пуси Рајот на нивниот фејсбук профил. Тешко дека ќе добијат лајк од Путин.