Кога робот ќе биде добитник на Струшкиот венец?

Дали машина која (засега) не е способна за емоционални доживувања може да напише поезија која ја трогнува душата? Морничаво е да се признае, ама изгледа дека е доста блиску.

The crow crooked on more beautiful and free,
He journeyed off into the quarter sea.
his radiant ribs girdled empty and very –
least beautiful as dignified to see.

Оваа песна за достоинствен лет на една чавка над морската шир не е дело на надарен средношколец со поетски афинитети, туку на компјутерски алгоритам кој научил како да пишува стихови откако бил „нахранет“ со над 7 милиони зборови од онлајн книги со 20-вековна англиска поезија.

Како што пишува Њу Сајентист, поетскиот бот е целосно податен за штелување според тема, ритам и содржина. Барем така вели Џек Хопкинс, истражувач од Универзитетот Кембриџ, кој го развил наведениот систем. Овој неуморен стихоклепец може да состави песна буквално за сè, пишувајќи за Трамп во стил на грчки еп или имитирајќи ја „Ромео и Јулија“ во стил на Еминем.

Резултатот е изнадувачки убедлив, барем за оние кои сметаат дека поезијата е редење зборови со рима. Хопкинс направил и тест за алгоритамот, кој покажал дека испитаниците можат да ги разликуваат компјутерски генерираните песни само во 46.2% од случаите. Тестот можете да го направите и сами тука

Повеќето од поетите, нормално, реагираат со презир на ваквата идеја, велејќи дека компјутерската „поезија“ е површна, без подтекст, и не се занимава со идеи туку само со зборови. Божем нема и такви поети. Предноста на вештачката интелигенција е тоа што е...интелигентна, па на зададена тема, на пример оган, барем проверува дали зборовите во стихот навистина се однесуваат на оган, а потоа се самокорегира ако генерираната верзија не ѝ е по ќеф. Да не зборуваме дека пишува во јамбски пентаметар како од шега. Мааната е дека не е баш креативна, односно ги користи стилските алатки кои се веќе на располагање. Но колкумина во целата историја на книжевноста навистина можат да се пофалат со оригиналност?

15 јули 2017 - 10:20