Koга поштарите правеле дупки во писмата за да спречат ширење зарази

Од почетокот на пишуваната комуникација, нештата испраќани преку картички или писма се извор и на радост и на потенцијална болка. А во тек на епидемии, на нив се гледа со дополнителна претпазливост.

Во рамки на Смитсонијан, најголемиот музејски комплекс на светот, кој вклучува 19 музеи и 9 истражувачки центри, во Вашингтон постои Национален поштенски музеј. Во него се чува необичен предмет од доцниот 19 век, кога - пред спрејовите и марамчињата за дезинфекција - американските пошти морале да измислуваат креативни решенија за борба против заразните болести кои (потенцијално) се ширеле и преку нивните пратки. Поконкретно, против жолтата треска.

Станува збор за еден вид „тепало“ или четка која се користела од страна на Бордот за здравство во Монтгомери, Алабама, а веројатно ја имало и на други места. Со остри боцки заковани на парче дрво со рачка, таа служела за правење бројни дупчиња на ковертите, прв чекор кон дезинфекција. Вториот се состоел од „фумигација“, односно чадењето кое вообичаено се прави против инсекти и други штетници. Поштенските службеници значи прво ги дупчеле писмата, па ги ставале на жичани полици во вагон од воз, по што во него бил пуштан чад од сулфур кој горел во железни котлиња.

На крајот на 19-тиот век од кога потекнува овој артефакт жолтата треска била многу опасна болест. Имало најмалку 35 епидемии во САД помеѓу 1702 и 1800, но тие се повторувале и до крајот на векот. Никој не знаел што е извор на заразата, ниту пак како таа се шири. Претходникот на Институтот за јавно здравје на САД сметало дека пренесувачи можат да бидат материјали како постелнина, облека и други предмети кои ги допрел заболен. Ова значело дека болеста може да се шири и преку писма.

Сулфур диоксидот или формалинот биле широко распространети начини за фумигација во тоа време. Но ова значело дека кога конечно ќе го добиете очекуваното писмо тоа ќе биде направено партал, плус ужасно ќе мириса.

На четката има нацртано комарец, придружено со текст „Bacillus Horriblius", и тој бил додаден после 1900-та кога полковникот Волтер Рид, воен хирург, докажал дека комарците се изворот на жолтата треска. Сепак на неа пишува „бацил“ (бактерија) што не е коректна идентификација, бидејќи станува збор за вирус. За негово третирање се уште нема ефикасен третман. И покрај драстичното намалување на пидемијата на почетокот на 20 век, американските пошти продолжиле уште некое време со дупчење и „кадење“ на поштенските пратки, веројатно како резултат на навика и очекувања на јавноста тоа да се прави, заради превентива.

извор

5 јуни 2020 - 11:19