Кој наш знае поезија наизуст?

Кога политичар ќе фати да рецитира погрешна песна на погрешно место

Во случајов тој е Британец и се вика Борис Џонсон, актуелен државен секретар за надворешни работи на оваа земја. При посета на Мијанмар тој реши наизуст да кажува песна од Киплинг. И не можеше да сфати зошто толку упорно го запираат во таа намера.

Некогашниот градоначалник на Лондон, а сегашен државен секретар за надворешни работи од конзервативците (што подразбира висока свест за дипломатија, освен ако си Борис Џонсон), е обвинет за „неверојатна нечувствителност“ откако изрецитира дел од песна на Радјард Киплинг, напишана во времето на колонијализмот, пред локални функционери, во тек на официјална посета на Мијанмар (поранешна Бурма). Ова се случи во јануари, но случајот се актуелизираше откако неодамна се појавија видео снимки од истото.

Џонсон бил во пагодата Шведагон, најсветата будистичка локација во главниот град Јангон, кога почнал да ги кажува првите стихови од „Патот за Мандалеј“, вклучително и овој: „Ѕвоната на храмот велат/Врати се англиски војнику“. Мандалеј, патем, е втор по големиот град во Мијанмар и некогашна кралска престолнина.

Песната на Киплинг (во оригинал тука) е всушност љубовна, и се однесува на некогашен војник кој се сеќава на неговото служење војска во оваа земја, и на Бурманката која ја бакнал. Британците биле колонијални господари на Мијанмар од 1824-1948, и меѓусебно војувале во три војни во 19 век, потиснувајќи го отпорот на локалците.

Инцидентот бил снимен од екипа на Канал 4 и требало да биде дел од документарец кој ќе биде прикажан утре, недела, посветен на квалитетите на сегашниот државен секретар и член на парламентот да биде премиер. Спонтаното рецитирање на Џонсон било толку засрамувачко што британскиот амбасадор во земјата, Ендрју Патрик, бил приморан да го сопре кога дошол до делот „Цветен идол направен од кал“ - референца на Буда. „На микрофон си“, му вели амбасадорот, „веројатно не ти е добра идејата“. „Зошто?“ - прашува Џонсон - „Баш е добра“.

Гафот се случил при првата посета на британски министер за надворешни на Мијанмар во изминатите пет години. Обредот за влегување во храмот се состоел, меѓу другото, од истурање вода врз златна статуа на нешто што Џонсон го опишал како „многу големо морско прасе“. Потоа тој му пристапил на ѕвоно од 42 тона, го удрил со дрвен стап и спонтано почнал да рецитира.

Киплинг од своја страна не ја познавал добро Бурма, и престојувал таму само во тек на три дена кога имал дваесетина години, но неговите песни и кратки раскази за оваа земја очигледно се уште ја потпалуваат колонијалната имагинација на некои Британци. Особено на Џонсон, кој е познат по својата нетактичност и голема уста, како кога ја опиша Хилари Клинтон како „садистички настроена болничарка во лудница“.

Она што сепак мора да му се признае на Џонсон е дека си ја знае поезијата наизуст, како во ова видео, каде ја рецитира Илијада добри неколку минути НА СТАРОГРЧКИ (додуша со страшно лош изговор). Кој наш политичар знае да изрецитира нешто од македонската поезија? Добар тест за локалните избори.

30 септември 2017 - 11:36