Кога писателите (треба да) играат на шипка

Рака на срце, и не сме толку изненадени што фотките од бугарските матурантки доживуваат таква популарност. Бизарното, абјектното, „кемпот" истовремено одбива, но и магично привлекува. Она што на филозофско ниво нè предизвикува е нешто друго. 

На пример - како да „подметнеш" тема која не е скокотлива како да е таква, или како оние кои се само по стриптизот да ти дојдат и на книжевна промоција. 

И немаме само ние такви проблеми, и не сме саде тука. Ај што колешкава по перо од Хрватска ја убива трема кога треба да настапи, уште ја тераат и да игра на шипка на промоцијата на нејзината книга. Не ни сакам да визуелизирам некои од нашиве писатели кои би се согласиле на ова...Иш, иш слико!

Книжевна вечер и танц на шипка

Патриција ме викна мене и Еди на заедничка книжевна вечер. Ми рече дека би било баш фино, заеднички да ги претставиме нашите книги. Мене книгата ми излезе минатата година, а нему пред отприлика два месеци.

Еди е мој пријател. Oва му е втора книга. Освен што пишува книги, се занимава и со засмејување на народните маси. Од неговите бројни испади, го издвојувам оној кога некој го праша: „Еди, што си ти во хороскоп?", а тој мртов сериозен - „Не сум ти ја веќе во хороскоп".

Освен тоа, Еди е задолжен за тоа пред секоја книжевна вечер да ме храбри затоа што јас ги мразам ваквите собири. Мислам, ги сакам, но само ако сум во публика. Тремата ме убива, и ништо не ми помага, ни медитација, ни концентрација. Книжевните вечери ми се кошмар. Мразам да седам таму зад некоја маса и да бидам центар на вниманието. Се навикнав само да гледам, а не да бидам гледана. Особено што на една таква манифестација се очекува и нешто паметно да кажам за моето пишување, а најпаметното што можам да го смислам е: „Немам појма, ја само си го пишував блогот и никому ништо не му мислев лошо. И види сега до каде дојде тоа."

Десет минути пред секој настап мене ми е срето во грло и чука како лудо. Тогаш Еди од некаде вади црно вино и ми носи чаша, и ме уверува дека тремата ќе ми пројде ако се напијам малку. Така пред еден заеднички настап со него испив три чаши и едвај дојдов до сцената. Убијте ме ако знам што зборував. Ако ми тргне книжевната кариера, и ако Еди секогаш ме теши вака, ќе станам алкохоличар.

Луѓето ми даваа разни совети во врска со таа моја трема на настапи. Така, еден ми рече да замислам дека публиката не е тука. Дека ја нема. И сега ја така на еден настап замислив дека нема публика, и заќутев. Што ќе зборуваш со некого ако тој не е тука. Ќе испадне дека зборам сама на себе. Добро, не дека немам такви моменти. Но не сакам да зборувам сама со себе пред публика, па макар таа и не била тука.

Да не зборувам како таа автосугестија знае да занесе, па може да ми се случи, спонтана каква што сум, среде настап на олеснување, да извикам: „Ај ама е добро кога нема никој!". Тогаш луѓето би се навредиле. Значи овој метод морав да го отфрлам.

Вториот метод сама го смислив. Се сетив дека на хајдуковите натпревари, кога Торцида ќе запали факел, Хајдук после за казна мора да игра натпревар пред празно гледалиште. Така испланирав да наговорам некој од Торцидашите или од моите пријатели на некој мој настап да фукне факел и чадна бомба, па тогаш за казна би морала да настапувам без публика, како и Хајдук. Идејата ми беше одлична, но не наидов на поддршка ниту во таборот на Торцида, ниту кај пријателите.

Така ние тројцата преку мејл почнавме да ги договараме деталите околу настапот. Преписката одеше вака:

Еди: Драги мои. Треба ли нешто да се договараме за Book-вица? Знам дека Марчелина (никот на авторката на нејзиниот блог) ќе ја изведе онаа нејзината точка на шипка (тоа го прави секогаш кога сака да ме засени), а јас нешто едноставно, како голтање оган или одење по жица.

Патриција: Мислам дека ни е доволно да се најдеме 16.05 и малку да ја договориме стратегијата. Веќе сте настапувале заедно, верувам дека имате некои заеднички точки, па слободно изведете една. Шипка и голтање оган се пожелни. Освен тоа, одберете извадок за читање (може и по два, за секој случај). Донесете книги за продажба, клубот ќе купи една за томбола. Голем поздрав

Марчелина: Ќе донесам книги за продажба, а ти Еди не мораш, ко да некој ќе ти купи. Другарски поздрав од вистинскиот и единствен сплитски селебрити, М.

Еди: Ма ја би радо да донесам книга, но слушам дека сè е распродадено. Јеби га, Марчелина има полн подрум со нејзини, нејзе ѝ е лесно, а ако треба помош околу продажбата, можеме да објавиме дека јас ќе се потпишувам на нејзината книга (како единствен начин таа да се продаде).

Еди е познат по тоа што ден пред настап ти се јавува со СМС од крајот на светот, што-знам-јас, од Буркина Фасо, и те убедува дека не треба ич да се нервираш, дека на време ќе дојде дома. Тогаш го прашуваш дали го подготвил расказот кој треба заедно да го читате, а тој вика дека не е проблем, пред настапот ќе го среди. Ти му викаш: „Пред настапот е СЕГА, а ти си во Буркина Фасо!", а тој почнува да те смирува велејќи ти дека нервозата е лоша по здравје. Потоа следниот ден се враќа и буквално 10 минути пред настапот пишува крај на расказот, додека ти крај него хипервентилираш од фрка и трема.

И сега, оди ти настапувај со него. Додуше, без оглед колу е луд, секогаш е тука кога ми треба помош и пријателски совет. Секогаш кога несреќно ќе се заљубам му се обраќам нему. Така веќе немам љубовни проблеми. Затоа што пред неговите совети нешто машки и ме облетуваа, а сега после нив не ме брка никој, па немам ни проблеми. Бесценето.

автор: Слободанка Боба Џуџерија 
извор: е-новине

* текстот во оригинал е напишан на сплитски дијалект, ама не се чувствувавме повикани да го преведеме на, на пример, охридски