Кога Пекиќ ја замисли пандемијата на беснило

Мотивот на неочекувано и рапидно ширење на заразни болести не е нов во уметноста. За добриот писател или режисер тој дава одлична можност за анализа на екстремите на човечките однесувања, но и за помалку или повеќе прикриени апокалиптични пораки.

Повозрасните веројатно се сеќаваат на книгата под наслов „Беснило“, излезена во1983, на српскиот автор Борислав Пекиќ, која спаѓа во горниот опис. На времето, 700-те страници на овој возбудлив трилер се читаа како научна фантастика. Разликата е во тоа што, како што тргнало, тој наскоро може да премине во реалистичен роман, само напишан пред своето време. Одиме, за нестрпливите, директно на крајот од книгата.

***********

ЕПИЛОГ - ИНКУБАЦИЈА

Ќе бидат потребни време, труд и пари да закрепне светот од ударите кои, на неговото веќе доста оштетено чувство на сигурност, му ги нанесоа случувањата на лондонскиот аеродром Хитроу. Претпоставувам уште повеќе време, труд и пари тие рационално да се објаснат и да дојдат до неопходното сознание дека катастрофата на „најголемиот меѓународен воздушен крстопат“ е случајна незгода, од која не смеат да се извлекуваат премногу брзи и дефетистички заклучоци за ранливоста, дури и за некомпатибилноста на нашата цивилизација.

Во име на бога, да бидеме разумни! Да не правиме од мува слон и од привремената мутација на среќата - празноверни предвидувања за крајот на светот. Нашиот начин на живот е сосема добар. Она што не чинеше, очигледно, е беснилото. А него веќе го нема. Да продолжиме да се тркаламе понатаму!

Се осмелувам да кажам дека можеме да туркаме напред и со повеќе оптимизам отколку до сега. Спонтаното единство на човештвото во кризата на Хитроу, толку трогателно манифестирано во акцијата на специјалните трупи на ОН и деконтаминациските единиси на Светската здравствена организација, докажува дека, со малку разум и добра волја, може барем да се убива во слога. (...)

Хитроу повеќе го нема.

На периметарот на аеродромот, обележан со надворешните писти, лежат брда од згура што се ладат. Изгорениот крш има облик на Давидовата ѕвезда на која ѝ недостига еден крак.

Никој и не ја споменува можноста да се обнови Хитроу на старото место. Дали преку пепелта ќе се прошири резиденцијалното подрачје на општината Хилингтон или ќе се подигне спомен-парк на жртвите на беснилото - со евентуален луна-парк кој би покажувал дека животот продолжува и покрај сè - сè уште не е одлучено. Лично, јас сум за втората солуција. Но да не се подигнува никаков ебен споменик, туку изгорениот крш да се остави таму каде што е и каков што е. Стратешки добро поставени кафанчиња со освежителни пијалаци и сендвичи ќе бидат доволни за да покажат како животот навистина турка понатаму.

Од национална гледна точка, катастрофата на Хитроу имаше и своја добра страна. Ја принуди Англија да ја исполни одлуката донесена пред половина век и да изгради модерен интернационален аеродром. Основана е веќе и Кралска комисија со задача меѓу четириесетте предложени локации да ја избере најпогодната. За сега, најмногу изгледи имаат Стенстед, Каблингтон и Фулнес на Атлантикот. Но демонстрациите на жителите против аеродромот во сите предложени подрачја веќе се во најголем ек.

Друга Кралска комисија работи на научното објаснување на епидемиолошката катастрофа, која одзеде повеќе од четвртина милион животи. Нејзиниот наод не се очекува во овој милениум.

Една значителна последица во светот е опаѓање на интересот за домашни миленичиња, особено кучиња. Во мода се риби со рудиментиран нервен систем, кои можат да се чуваат изолирани во аквариуми.

Книгата која читателот ја има в раце не е документарна реконструкција на беснилото на аеродромот Хитроу, макар што се заснова на факти. Таа е лична визија, проширен дневник на очевидецот и жртвата на трагедијата, на писателот Даниел Левекрвин, мојот пријател.

Класичен обичај е епилогот на романот да се посветува на лаконски опис на натамошната субина на неговите јунаци. Овде тоа не е можно. Со еден исклучок, сите јунаци на „Беснило“ се мртви. А исклучокот објаснува како дојдов до Леверкивновиот дневник од Хитроу.

Аеродромот сè уште гореше. Само на работ на хексагонот тлееше огнот, жарот се ладеше, а овде-онде се појавуваа пепелаво црни дамки на згура. Екипите за деконтаминација го чистеа километарскиот круг околу Централ Терминал Ареа од сè што му припаѓаше на аеродромот. Сè што имаше во тој простор или можеби имаше врска со Хитроу заминуваше во врела масовна гробница. Вестите за Хитроу заминуваа во масовната гробница на студените новинарски претпоставки.

Во улицата Џерси, покрај Остерли Парк, се придвижи железниот капак на канализацискиот отвор и низ него од подземјето во Лондон исползи еден човек. Беше во ужасна состојба, измачкан со нечистотија на каналот, изгорен од оган, издраскан и до смрт исцрпен. Граѓаните, кои се враќаа од прифатилиштата во своите куќи, веднаш логички погодија дека човекот од канализацијата го преживеал кремирањето на Хитроу, дека, значи, логично, е бесен. „Санитарниот линч“ или „деконтаминација со каменување“ го спречи полицијата. Кај човекот е пронајден дневникот на Даниел Леверквин со упатство да ми се предаде мене, но не е најден Rhabdovirus Hydrophobiae кој би можел да им се пренесе на Лондончани.

Сепак, за секој случај, се преземени мерки. Човекот е ставен во строга изолација во болницата за тропски болести, 4 Сент Пенкрас Веј НВ1, а полицијата со денови потоа ги чуваше излезите од канализацијата.

Кога го прочитав дневникот на Леверквин, сфатив колку за мојата книга за беснилото е важен Габриел - како што се викаше човекот од канализацијата. Издејствував одобрение да го посетам. Разговорите се водени низ дебелото изолациско стакло на Инфективното одделение. За жал, не би дознал повеќе ни да беше стаклото потенко. Дури ни воопшто да го немаше.

Габриел, едноставно, не се сеќаваше на ништо. Дури ни на сопственото име. Целиот негов живот до излегувањето од канализацијата, вклучувајќи го времето поминато на Хитроу, беше покриен со густа темнина, низ која никако не можеше да се пробие.

Во меѓувреме полицијата откри под кое име и какви околности Габриел живеел пред да дојде на Хитроу. Се викаше Гудвин и беше питомец во еден лондонски дом за умоболни. Не постоеа ни документи ни сведоци што би потврдиле дека и пред Хитроу се викал така. Или нешто што би го расветлило неговиот претходен живот. Бидејќи ни за него не знаеше ништо. Го нашле како нелогично лунѕа по улиците, логично го прогласиле за луд и го затвориле во азил.

Меѓутоа, Даниел Леверквин во својот дневник тврди дека тој човек, тој Габриел - Гудвин, е посебен.

Во ред, можеби тоа е една иста работа.

Но, Леверквин исто така мисли дека Габриел е всушност ангел-чувар, кого Бог, откако ги прогонил луѓето од рајот, го оставил на земјата да ги чува нивните поколенија од Сатаната. А тоа се разбира се глупости.

Загледајте се малку повнимателно во светот околу себе. Зар ви се чини дека некој го чува?

Па сепак, по ѓаволите, не ми беше баш сеедно кога Габриел неодамна повторно исчезна.

Оттогаш со страв го отварам својот утрински весник.

Бидејќи го знам, како и Ками, она што веселата толпа не го знаеше, и што може да се најде во книгите - дека бацилот на чумата никогаш не умира и никогаш не исчезнува, дека може десетици години да спие во мебелот и алиштата, трпеливо да чека по собите, визбите, сандаците, марамчињата и старите хартии, дека можеби ќе дојде денот кога, на несреќа на луѓето и за нивна поука, чумата повторно ќе ги разбуди своите стаорци и ќе ги испрати да липсаат во некој среќен град.

Борислав Пекиќ
Лондон, 1981

издание: Табернакул, 2006
превод: Милан Банов

25 февруари 2020 - 16:13