Сатира на еден дискурс

Кога нешто звучи „научно“

Не ни е јасно зошто научната јавност во Македонија сè уште не излегува со експертско мислење за чудото во св. Димитрија. Објаснувањето е едноставно: фотоните се квантно поле кое во интерференција со електромагнетните бранови произведени од локалната радио-дифузија при силен импулс може да ги направи сликите (а и звуците) појасни отколку што тие вообичаено се.

Така некако, или уште покреативно, би изгледало објаснувањето на феноменот во книгата на Фил Едвардс, „Лажна наука 101: не толку фактички водич за нашиот восхитувачки свет", која е всушност сатира на вербата во сигурноста на научниот метод и иронија кон институциите кои произведуваат „научно" знаење. Сите авторитети се податливи за подбив, но меѓу нив науката, заради нејзиниот елитистички и арогантен дискурс, е вистинска посластица. Малку одбивност кон резултати од научни истражувања, многу љубов кон апсурд, и ете ти вистински „лажен научник".

Книгата, која намерно потсетува на учебник, е всушност збирка на измислици кои Едвардс ги постирал од 2010. на неговиот блог, како на пример некојси Муров закон, коj вели дека секои две години количеството време кое го минуваме пред компјутери се удвојува, тоа дека Ајнштајн ја користел Теоријата на релативноста за да докаже дека си е сам на себе дедо, и дека оние кои сакаат да работат во хемиска индустрија си ги осигуруваат веѓите од несреќи.

Авторот, кој инаку студирал историја и англиски, вели дека светот е толку сложен и збунувачки што секогаш постојат работи кои само површно ги познаваме, па дури (или особено) ако сме експерти во само една област. Затоа и сакал да се обиде да објасни сè, ама без товарот на вистинското знаење, кое само би го забавило во намерата. Сепак, за да ги пародизира податоците, тој морал и доста да научи од за него непознати области, како астрономија или физика.

Се случувало читатели буквално да го сфатат напишаното, но и тоа наставници да сакаат да ја користат книгата при нивните предавања, за учениците да се научат дека сè што е напишано, на интернет, во книга, па дури и во нешто што личи на учебник, не мора да биде точно. Исто како што и расипан часовник може два пати во денот да покаже точно време, и лажните факти во книгата на Едвардс во некои случаи се можеби поблиску до вистината отколку некоја научна теорија. И да не е така, сигурно се позабавни.

29 август 2012 - 16:12