Koга научниците експериментирале врз самите себе

Етиката на експериментирање на луѓе е „трусно“ подрачје, дури и кога постои таканаречена „информирана согласност“ и компензација за времето и ризикот со кој се соочуваат волонтерите. Можеби токму затоа, или заради некаква луда посветеност, се познати примери на научници кои изведувале експерименти врз самите себе. Еве тројца такви.

Хемфри Дејви

Награда најоткачен научник може слободно да му се додели на овој британски хемичар од доцниот 18 и раниот 19 век, Хемфри Дејви (на сликата горе), заради неговата храброст на себе да испитува ефекти на инхалирање различни гасови. Неговите најпознати експерименти вклучувале азотен оксид, попознат како „смеачки гас“. Водел дневник во кој се опишани сите негови блесави однесувања под дејство на оваа хемикалија, на која најверојатно по некое време и се навлекол. Но она што е поважно е што тој ја промовирал неговата вредност како анестетик, која неговите современици не ја препознале. Од нив бил исмеван како дилетант, а гасот бил „снифан“ само заради рекреативно опуштање. Денес медицинската валидност на неговите наоди е потврдена.

Џес Лазеар

Лазеар бил лекар во американската армија кој се обидувал да разбере како се шири заразата од жолтата треска. Ова прашање било од суштинско значење, бидејќи доколку не се знаел начинот на ширење на епидемијата, не можел да се најде ни начин таа да се запре. Еден кубански лекар, Карлос Финли, со години промовирал теорија дека таа се шири преку комарци, но таа не била потврдена. Лазеар и неговите колеги одлучиле да направат експеримент - со комарци биле инфицирани двајца волонтери, а третиот тест го направил Лазеар на самиот себе, иако тој не фигурира во ниту еден официјален извештај. Причината за криењето на овој дел од приказната било тоа што во случај на смрт на докторот неговата жена не би можела да добие никаков надомест доколку во целата постапка имало елементи на самоубиство.

Самозаразениот доктор умрел на 35-годишна возраст, од жолта треска, во септември 1900, со тоа потврдувајќи ја теоријата за комарците како преносители на жолтата треска.

Вернер Форсман

Во 1929 германскиот лекар Вернер Форсман вметнал катетер длабоко во вената на својата рака. Без никаква асистенција, користејќи го сопствениот циркулаторен систем како мапа, тој спровел жица до срцето и направил ренгенска снимка на она што подоцна ќе стане познато како прва самоизведена кардиолошка катетеризација. Иако неговата репутација била нарушена заради тоа што во текот на Втората светска војна им се придружил на нацистите, откритие си е откритие, па Форсман добил Нобелова за него во 1956. Денес оваа техника е суштинска алатка за дијагностицирање и третман на голем број срцеви болести.

10 април 2018 - 22:01