55 милиони кликови

Кога класиката станува поп

Валентина Лисицjа е родена во Киев. Почнала да свири пијано на 3-годишна возраст, а сега има 43. Според стандардите на кариерата на повеќето изведувачи на класична музика таа одамна требало да биде „мртва", со оглед на тоа што со познатите музички натпревари се започнува на 16, а се завршува на 29. Но она што ја направило разликата во нејзиниот случај е - интернет.

„Џастин Бибер на класичната музика", споредба која е родово нефер но е статистички исправна, таа со 55 милиони кликови на Јутјуб успеа да дојде до голем самостоен концерт во Ројал Алберт Хол во јули минатата година, за потоа да потпише договор со Decca Records, и да издаде албум. Нејзината програма за концертот била изгласана од страна на обожавателите онлајн, а вклучувала и романтични популарни парчиња како ноктурната на Шопен и Месечевата соната на Бетовен. Целиот настап повеќе личел на поп-концерт, со огромни екрани кои се концентрирале на нејзините раце.

Но патот не бил лесен. Ќерка на шивачка, растена без татко, Лисицjа работела напорно за, според зборовите на мајка ѝ, да биде учителка по пијано и да заработува „лесни пари". Пресвртот се случил кога го запознала нејзиниот сопруг, исто така пијанист, со кого се преселиле во САД, учејќи англиски преку Си-ен-ен. Но животот за русокоса пијанистка во САД со словенско потекло не е лесен - едноставно ги има премногу. Во момент на очај таа се јавила дури и на оглас за пијанист во локалниот дом за стари лица, но ѝ било речено дека местото е пополнето. Почнала да чита за бизнис стратегија онлајн и го снимила првото клипче на кое ја свири етидата на Рахмањинов, „Црвенкапа". Иако видеото било со лоша резолуција, нешто во него им се допаднало на луѓето. И така до сто и кусур клипчиња, и 55 милиони кликови.

Ова секако не е прв пат класични музичари да доживеат неверојатен подем со помош на интернет - 2CELLOS се еден таков пример, со тоа што нивната допадливост е многу поразбирлива со оглед на тоа што тие свират преработки на Мајкл Џексон, Нирвана или Металика. Успехот на Валентина оттаму е помалку очекуван, но можеби (за среќа, или за жал) е методот со кој ќе се обидат да успеат и бројни класични пијанисти по неа.

 

15 март 2013 - 09:24