Кога „Хитлер“ не значи ништо

Копирањето на културни елементи од запад кон исток понекогаш дава чудни резултати - Кинези носат маици со неразбирлив и често навредлив англики, боливиjски градежни работници Епл логоа на нивните униформи, лого на Најк може да се најде на традиционални индиски облеки. Ама има и (за нас) порадикални примери.

Некои од нив се толку бизарни што не се ни смешни. Како на пример зачестеноста на зборот „Хитлер“ во Пакистан. Според коментаторка на The Outline во оваа земја неговото име е насекаде - наидувате на него додека барате ви-фи сигнал, го гледате закачен на комби возила или нанесен со спреј на ѕид во некое предградие. А има и бренд наречен „Хитлер: рилоудед“, чија главна продавница е на аголот на еден од најголемите пазари во Карачи, и продава машка облека по пристапни цени.

Првата помисла на авторката соочена со ваквата ситуација при нејзините чести престои во Пакистан била дека таа е резултат на антисемитизам во пакистанската култура. Израелците се „зликовци“ во однос на доминантно муслиманските земји каква што е Пакистан, а популарните митови велат дека тие се обидуваат да ги стерилизираат муслиманите преку полио вакцини, дека склопиле пакт со Индија да го уништат Пакистан итн.

Па сепак, просечниот Пакистанец не знае кој бил Хитлер. Кога некој човек чија ви-фи мрежа се вика „hitler2" бил запрашан зошто се одлучил за „стариот Адолф“ неговиот одговор бил: „Тој бил навистина строг генерал во Германија. Сакам дома да ги држам строго“.

Хитлер не е тема на цели филмски жанрови и книги во Пакистан на начинот на кој тоа е во Европа или во Америка. Иако стотици тогаш индиски војници се бореле под Британската империја против „оската на злото“ во Втората светска војна, историските читанки не содржат информации за наследството на Хитлер. Не постои пакистански еквивалент на „Шиндлеровата листа“ или на „Неславни копилиња“ кои би го прикажале Хитлер како ултра-лошиот во историјата на современиот свет.

Тоа не значи дека пакистанската култура постои во вакуум. Речиси век британско владеење подразбира дека модерниот Пакистанец е поврзан со западот, за добро или за лошо. Повеќето писмени Пакистанци знаат малку англиски. Постои богат нерегулиран пазар на пиратски западни филмови, а и во оддалечени пакистански села децата носат ранци со ликови на славни Американци.

Повеќето луѓе сепак не можат да си дозволат билети за кино или ДВД-иња. За голем дел од нив „Хитлер“ не е ништо повеќе од име кое е кул само затоа што е странско. Кога новинарката го прашала продавачот во „Хитлер рилоудед“ дали знае за кого станува збор, тој одговорил дека името им донело голем број купувачи и минувачи кои постојано се сликаат пред продавницата. Таа отишла и чекор понатаму, па им пишала на менаџерите, чиј одговор бил: „Во Пакистан Хитлер го користиме за некој кој е паметен и бистар. Пријателите така го викаа газдата, па затоа го ставивме ова име пред 15 години“.

Очигледно спомнувањето на Хитлер во Пакистан не асоцира на гасни комори ниту на некаква радикална идеологија (освен на дисциплина и ’нешто против Евреи’). И колку и да е ова чудно за непакистанско око, според коментаторката е утешно, имајќи ги предвид западните радикални десничари кои го користат неговото наследство не за кошули и вратоврски, туку како основа за реално насилна идеологија.

13 октомври 2017 - 08:31