Демистификација на едно табу

Кога Дизни зборува за менструација

10-минутен филм во продукција на Дизни од 1946., наменет за прикажување во американските училишта, за кого се верува дека е првиот филм кога и да е кој во сценариото го содржи зборот „вагина". Тема: приказната за менструацијата.

Клипчето било дел од серијата филмови кои Дизни ги снимил за американските училишта помеѓу 1945. и 1951. на различни едукативни теми. За овој како консултант бил ангажиран гинекологот Масон Хон, чија задача било да напише научно издржано, но едноставно и јасно сценарио за една од најмистериозните и табуизирани физиолошки промени во женското тело.

Финансиер била фирмата International Cello-Cotton Company (денес Кимберли-Кларк), производител на влошки, а во период кога тампоните на конкурентската Проктер и Гембл се заканувале да го преземат пазарот. Филмот по средните училишта се дистрибуирал заедно со книшка за наставниците и студентите со наслов „Многу лично твои", кои ги рекламирале производите на фирмата-финансиер.

Прилично либерален за времето кога е создаден, тој сепак не споменува ништо во врска со сексот, туку акцентот го става на хигиената. Менструалната крв пак е прикажана како снежно бела (уште се немале сетено на сина). Oна што тој не можел да го заобиколи е нервозата и иритантното расположение на женските „субјекти“ за време на „оние денови“, кои се исто така научно докажани. 

29 декември 2012 - 15:31