Археологија на новинарството

Кога „Црните хроники“ биле забавна рубрика

Понекогаш среде сите локални „дна" на интернет, човек ќе наиде и на ризница. На сајтот oldprilep.com, на којшто се објавуваат текстови поврзани со историјата и културата на градот „под Марковите кули", има рубрика „новинарство" и подрубрика „црна хроника". 

Уредно одбележани со датуми, тоа се скенови од стари весници, во кои се опишани понекогаш трагични, а често и смешни настани, кои повеќе личат на парчиња книжевност отколку на суворпарни новинарски информации.

Еве една од приказните, од „Вечер" од септември 2001, која плени уште од насловот:

„Лежела на плеќи, не знаела дека е комшијата"

Прераскажан е, со дијалози и сите тертипи, судски процес во кој една селска жена бара правда за доживеан страв и срам, затоа што комшијата ѝ влегол во собата и сакал да ја силува, при што мажот ѝ лежел веднаш до неа.

„Си легнавме со мажот ми. Како селски луѓе, бевме уморни од работа. Децата спиеја на каучот, ние на еден сунѓер, легнавме на душеме. Беше жешко, си легнавме по гаќи. Мажот ми заспа како топ, и сонот и мене ме наваса. Едно време некој почна да ми ги слекува гаќичките. Лежев на плеќи и се поткренав, сето беше како сон. Море, си реков, што му текна сега на мажот ми после овој замор. Арно ама, едно време чувствувам некој ми ги подигнува и нозете. Што е оваа работа, си реков во сонот, мажот ми никогаш не постапувал вака со мене. Се тргнав и кога ќе видам што ќе видам, комшијата качен над мене. Сијалицата светеше и убаво го видов дека беше токму овој што не сака сега да признае."

Одбраната на комшијата е брилијантна, и се состои во тоа дека тој немал што да бара во туѓа постела оти си има жена, а таа е „каде-каде поубава" од „оштетената". Судијата пак наведен со име и презиме добро го имал проучено случајот, а предметот од истражната постапка го имал добро анализирано, но сепак се стеснувал да постави поконкретни прашања. Текстот завршува со с'спенс, оставајќи на љубопитните читатели сами да ја донесат пресудата.

За уште еден сексуален предатор се раскажува и во текстот под наслов „Дали постои нов вампир?", објавен во „Народен глас" од 1968. Жителите на улицата Вера Циривири се вознемирени од човек кој шета ноќе по нивните дворишта и не краде, туку „присвојува" долна женска облека „ако истата е изложена во двориштата да се суши". Потоа ги враќа на местото од кадешто ги зел. „Слободно може да се заклучи дека се работи за лице ментално пореметено", вели текстот, а сомневањето паѓа на младич на дваесет и осум годишна возраст, „синокос, слаб и висок", кое додека луѓето биле на работните места „се движело и ЈАУЧКАЛО низ дворот. „На крајот в место резиме ќе нафрлиме уште еднаш дека потребна е итна акција за открива на ова лице, кое можеби има и друг делокруг на движење кој сеуште е непознат", ангажирано заклучува текстот.

Статија пак од далечната 1969 се однесува на тепање пред Градската кафана, а жртвата е извесен Иван Маркоски, инспектор по дивоградба при Општинското собрание, кој бил натепан од незадоволен граѓанин чиј објект наводно бил урнат заради „инает" на инспекторот. Па сепак, текстот повикува на разум и водење на истрагата пред надлежните институции, нудејќи клучен аргумент: „Замислете кога сите јавно би го тепале Иван Маркоски заради тоа што досега на стотици луѓе им ги урнал дивите градби, што тогаш би станало со него и со самата служба?"

Има тука и сериозни текстови за злодело - колење 35 расни гулаби од 1979 и за самоубиство на електричар во централата во Прилеп заради долгови...Ова само покажува колку Црните хроники се важен документ за тоа како се живеело, од што стравувале и какви постапки се осудувале, и во правна, но и во етичка смисла. Во споредба со овие вести од некогашните црни хроники кои повеќе имаат улога да подучат отколку да скандализираат, денешните изгледаат како хорор.

7 август 2015 - 09:58