Кога цитат од Леонард Коен служи за да опишеш бомбардирања како „убави“

Koга во 30 секунди во живо новинар три пати ќе нарече ракетна офанзива „убава“, тој си го бара. Кога притоа ќе искористи и стихови на Коен, е тогаш треба и да си го добие. 

Денес, по наредба на американскиот претседател и без одобрување на ОН, САД испука 60 крстосувачки ракети кон Сирија, исти онакви какви што беа користени при НАТО бомбардирањето во Југославија (подетално тука). Помеѓу бројните коментари на настанот, еден посебно прободе уши. Се работи за Брајан Вилијамс, еден од главните новинарски фаци на NBC, кој поздравувајќи ја одлуката на Трамп да фрли пар бомби на „лошите“ во Сирија изјави во живо:

„Ги гледаме овие убави ноќни слики од палубите на двата американски носачи во источен Медитеран“, рече Вилијамс додека се восхитуваше од снимката на ракетите Томахавк упатени кон своите дестинации. „Во искушение сум да го цитирам големиот Леонард Коен: ’Воден сум од убавината на нашето оружје’. А ова се убави слики на бестрашно вооружување, во нешто што е за нив краток лет над оваа воздушна територија“.

Стихот е од „Најпрвин ќе го освоиме Менхетен“ (First We Take Manhattan) со кој се отвара албумот на Коен „Јас сум твојот човек“ од 1988, а која тешко дека е напишана за да поздрави американски бомбардирања, кога и да е, и каде и да е. Коен во интервју за Вашингтон пост има изјавено дека песната е одговор на тероризмот:

„Има нешто во врска со тероризмот на кое што секогаш сум му се воодушевувал. Фактот дека нема алиби или компромиси. Таа позиција е секогаш атрактивна. Но не сакам кога таа се манифестира на физички план - навистина не уживам во терористички активности“.

Во таа смисла, стихот кој го цитираше Вилијамс е алузија на вториот дел од ставот на Коен - идејата дека бескомпромисното држење до идели речиси секогаш завршува со насилство. Во песната после него иде: „Воден сум од сигнал од небесата/Воден сум од овој белег од раѓање на кожата“. Не баш рационални мотиви, ако си доволно ироничен да сфатиш. Ако не, може да ти се случи да го цитираш стихот како буквална пофалба, на буквални оружја. И тоа да значи дека се идентификуваш со нараторот, кој е терорист. Затоа и бројните критичари на потегот на Трамп не се скандализираа над користењето на цитатот, туку напротив, го нарекоа „проклето соодветен“.

7 април 2017 - 23:18