Фосилни траги

Koга бубачките читаат

Некои од дамките среде текстот или илустрациите на средовековните книги не се само печатни грешки - тие се всушност фосилни остатоци од европските инсекти.

Од 15.-19. век печатењето се вршело со дрвени плочи, во кои често пати инсектите го пробивале својот пат, јадејќи го дрвото или положувајќи ги во него нивните ларви. Анализата на овие црвоточини сега помага да се реконструира ентомолошката историја на континентот, која во отсуство на примероци од овие некогашни инсекти во тегли или во инсектариуми (оние со прободени животинки со шпенагла), се базира само врз овие податоци.

Европските печатари почнале да користат резбани дрвени блокови за производство на илустрации во петнаесетиот век - до тогаш оваа вештина имала долга традиција само во Јапонија и други делови од Азија. За нивна несреќа, но за среќа на биолозите, тврдите дрвја кои притоа се користеле, како крушка или јаболка, им се омилени на одредени видови бубачки. Кога ларвите кои се положени во дрвото ќе пораснат, тие си го пробиваат патот низ него, оставајќи лесно забележливи кружни дупки, со различна големина, зависно од видот на бубачката.

Доколку една дрвена плоча се користела за повеќе печатења на една иста слика или текст во подолг период, на тие различни изданија може да се следи и ширењето на „заразата". „Ова е најдобрите фосили кои воопшто можете да ги најдете, и тоа со точно датирање, како 1498., на точни локации, како Париз или Амстердам", изјавил истражувачот Блер Хеџис, биолог на државниот Универзитет во Пенсилванија.

Вршејќи мерења на 473 отпечатоци датирани од 1462-1899., тој пронашол илјадници вакви дамки, вклучително и 3,263 совршено кружни дупки и 318 кривулести траги, создадени од бубачките додека си го јаделе дрвото. Анализата покажува дека на север најкарактеристична бубачка била „мебеларка" (Anobium punctatum), а на југ Медитеранската варијанта на истата (Oligomerus ptilinoides), но тие две никогаш се немале сретнато. Линијата на нивно раздвојување водела преку Франција, границата помеѓу Швајцарија и Германија, и Италија и Австрија.

Ваквата ситуација е биолошки многу необична, а најверојатно се должи на тоа што бубачките преферирале ист вид на дрво, па се обидувале да одбегнат конкуренција, со тоа што нема да се преклопат. Денес, со зголемената трговија на мебел и дрво, обете бубачки можат да се најдат низ цела Западна Европа. Кој знае што би покажала една ваква анализа на средовековните ракописи од нашата територија. Можеби некоја посебна, ендемска од Балканот е виновна за дупките во историските списи, кои оставаат простор секој да си ги пополни по свое наоѓање.

21 ноември 2012 - 11:32