Едниот терсене, другиот наопаку

Koга Бетовен го сретна Гете

Едниот музички гениј-мрчатор со нарушено здравје и генерално мизантроп, другиот учтив поет-благородник по чие име е наречена цела епоха. Бидејќи живееле во исто време нивната соработка како да била судбински предодредена. Ама кога нејќе, нејќе.

Во јули 1812 Лудвиг ван Бетовен пристигнал во бањата Теплиц, болен, загрижен за своите финансии, и со оштетен слух кој секојдневно уште повеќе се влошувал. Ова му било второ доаѓање во местото, познато по минералните извори но и по длабоките шуми и езерото кое со своето спокојство им нудело утеха на изнемоштените. Во бањата доаѓале кралеви и благородници, а тоа лето 1812 муабетите главно се однесувале на неодамна започнатата инвазија на Наполеон на Русија. Бетовен, анти-аристократ и генерално арогантен, немал мерак да се дружи со нив. Сепак во моментот во бањата имало еден човек кого композиторот очајно сакал да го запознае: Јохан Волфганг фон Гете.

Како што наведува Јан Свафорд во неговата биографија на Бетовен, периодот на раните 1800-ти бил познат како „Гетецајт“ (добата на Гете) бидејќи по смрта на Кант, Гете и Бетовен биле сметани за последните преостанати гиганти на германската култура. Некако било неминовно овие двајца да се сретнат и да соработуваат. Па сепак...

Бетовен го обожувал славниот поет - компонирал музика за драмата од 1788 „Егмонт“, како и неколку песни по стихови на Гете. Претходно тие имале комуницирано само преку писма: Бетовен му пишувал „фан“ пораки инсистирајќи да се сретнат, а Гете одговарал со топол и благодарен тон. До средба конечно дошло тој јули во Теплиц кога Бетовен имал 42, а Гете 63 години, а првиот дел од неговиот „Фауст“ бил излезен четири години претходно.

Во текот на четири денови тие се шетале, постојано дискутирајќи. Бетовен му свирел на пијано и му изнел идеја за опера на поетот. Гете пак за цело време бил учтив, но откако двајцата се вратиле дома - Бетовен во Виена, Гете во Вајмар, никој повеќе не се ангажирал околу можните проекти, а тие двајца никогаш повеќе не се виделе.

Причината за овој неуспех можеби лежи во она што Гете му го напишал на неговиот пријател Карл Фридрих Зелтер:

„Талентот на Бетовен ме воодушевува. Сепак, за жал, тој е крајно несофистицирана личност. Не е целосно во заблуда што го смета светот за грозен, но сепак самиот не придонесува да биде поинаку. Како и да е, треба да му се прости, и да се сожалува, бидејќи слухот го напушта, што го повредува музичкиот дел од неговата природа. И онака е повлечен, ова го прави уште позатворен“.

Дека Лудвиг бил терсене кажува и една антологиска анегдота. Додека двајцата шетале низ бањата крај нив минала свита благородници. Гете културно се тргнал настрана за да им отвори пат и им се поклонил за поздрав, додека Бетовен грубо минал среде толпата со рацете зад грбот, без воопшто да се обѕрне. Кога Гете го прашал зошто е толку к’не кон луѓето, композиторот одговорил:

„Има безброј ’благородници’, но само двајца од нас“.

Mit einem gemalten Band на Гете на музика на Бетовен

горе: „Инцидентот во Теплиц“ (1887) од сликарот Карл Ролинг

29 јули 2017 - 11:24