Како би изгледал нашиот тим?

Kнижевно светско првенство во фудбал

Англискиот тим е родово и жанровски мешан, па ги содржи и Ник Хорнби, но и Агата Кристи. Американците се многу јаки со Хемингвеј и Фицџералд, но Селинџер често не им се појавува на тренинзи. Каков би бил македонскиот?

Деновиве сите професии кои не се директно поврзани со спортот се фрустрирани и очајно се обидуваат да се изгребат за внимание, измислувајќи различни начини како да го вградат фудбалот во нивните области. Во тоа особено предничи традиционално неатрактивната област на културата. Ама и за тоа има чаре...

Според едно истражување на пазарот направено пред почетокот на Првенството, 37% од Британците кои не се заинтересирани за него ќе се свртат кон книгите како кон форма на бегство. За сепак да ги разигра и овие значајни проценти, издавачката куќа Пингуин почна сопствен Куп: 16 тимови, сите формирани од книжевни ѕвезди на одредена земја.

„Тимот на Англија има непобедлив среден ред, составен од Остин, Диксен и Шекспир. Зејди Смит и Ник Хорнби обезбедуваат добредојдена инфузија на младост и модернизам во тимот, додека Бајрон и Китс не се само романтичен избор: тие го имаат заслужено местото во тимот со тешка работа. Придружба на остриот Орвел се неколку автори на бестселери од типот на Роулинг и Агата Кристи".

Да беше навистина ваков тимот на Англија вчера против Уругвај, можеби и ќе победеше. Но и другите тимови се навистина јаки. На пример оној на САД се состои од креативните Хемингвеј и Фицџералд кои имаат спротивни стилови но добро играат заедно: едниот дрско пробива отворен пат низ одбраната на противникот, додека другиот има течен стил како никој друг. Пoтенцијалните слаби точки ги вклучуваат Селинџер и Томас Пинчон, кои имаат несомнен талент, но може од време на време да ги снема од теренот.

Секој тим е придружен со краток опис на книжевната историја на земјата која ја претставуваат, а книгите на играчите во тимот се на попуст. Пингуин исто така направил и налепници за нив - еве ја онаа на грчкиот тим, кој во просек има 2,000 години. Како што се истакнува: „124-годишниот Никос Казанѕакис е младиот, свеж ветер во тимот".

Играта се одвива и на Твитер, на #PenguinCupNews, каде се постираат хумористични коментари, како овој за Толстој. 

Ајде да направиме македонски книжевно-фудбалски тим, 11 и тренер. Помислата на Мисирков во шорцеви и на Дејан Дуковски како голман нè разведрува.

20 јуни 2014 - 10:02