Kaj нас не би имало кандидати

Книжевна награда за одбивање книжевни награди

Именувана според славниот автор кој ја одби Нобеловата во 1964, Сартровата награда е веќе толку популарна што писатели од цела Европа и САД се натпреваруваат кој ќе одбие што повеќе награди, за да имаат поголеми шанси да ја добијат оваа. Веројатно е кромид, ама добар.

Најново име на списокот за замислената Сартрова награда би можел да биде Лоренс Ферлингети, поет и активист заслужен за книжевната ренесанса на Сан Франциско од 1950-тите и последователното бит движење, кој денес има 98 години. Тој одби поетска награда од унгарскиот огранок на ПЕН, вредна 50.000 евра, и истовремено сугерираше дека парите би можеле да се искористат за фонд кој би служел за објавување унгарски автори чии дела поддржуваат тотална слобода на говорот.

Сартровите причини за одбивање на Нобеловата било на линија на неговите одбивања на сите награди поврзани со структури на моќ. Не го примил и францускиот Орден на честа, велејќи дека не сака да се претвори во иституција. Ова е во време кога сакал-нејќел веќе бил тоа - откако го уапсиле заради протести и поддржување на демонстрациите од мај 1968, претседателот Де Гол побрзал да го помилува, со фантастичната галска опсервација дека „не можеш да го апсиш Волтер“.

Урсула Ле Гвин, славната авторка на романи и раскажи главно од жанрот на фантастиката и научната фантастика, често самата спомнувана како кандидатка за Нобеловата, во својот текст на оваа тема објавен во најновото издание на The Paris Review вели дека за Сартровата награда прв пат прочитала во 2012, на страниците на лондонскиот Times Literary Supplement. И таа еднаш одбила награда, и тоа во време на Студената војна. Нејзината новела „Дневникот на розата“ тогаш ја добила престижната награда Небула од здружението на ес-еф писатели на Америка. Но истовремено организацијата му го ускратила почесното членство на полскиот писател Станислав Лем, со неформално образложение дека е „комунистички стаорец“. Лем навистина бил тежок и арогантен човек, но и првокласен автор кој пишувал со понезависен ум отколку што тоа изгледало можно во тогашна Полска. Ле Гвин не само што ја одбила наградата, туку и го прекинала членството во спомнатото здружение.

Но она што му го прави високо признание на еден автор - што го претвора во „производ“ - е точно она што денес им го прави комерцијалната машинерија на авторите на бестселери и добитници на награди. „Нобеловецот тој и тој“, „Триесет недели на списокот на најчитани на Њујорк Тајмс“, „Г-ѓа Џејн Д. Пулицеровска“... Можеби ваквиот исход не е директна намера на оние кои ја даваат наградата, но употребата на истите како маркетинг средство на корпоративниот капитализам е неизбежна. И колку што е попрестижна и финансиски потешка една награда, толку таа е покомпромитирана.

И покрај тоа што Ле Гвин наведува и имиња на автори (Сарамаго, Шимборска) кои е добро што не ги одбиле наградите, со оглед на тоа што како автори и како карактери и со нив останале исти, сепак смета дека Сартровата награда за одбивање награди треба да се признае како вредна и потребна во времињата во кои живееме.

7 декември 2017 - 18:35