Цивилизирана сабота

Книжарски одговор на „црниот петок"

Aко следната година нашите книжарници се инспирираат од оваа иницијатива, нека не се мачат со батлер и вино, сосема е доволна и по една жолта, цивилизирано сервирана во бокалче. Мезето се подразбира.

Во обид за оградување од општото потрошувачко лудило, книжарниците во Британија одлучија викендов да им понудат на муштериите бесплатен шампањ и масажи. Звучи подобро од тоа некој да ви бапне бокс затоа што сте му го зеле последниот пакет тоалетна хартија по промотивна цена, нели?

Иницијативата е на независните британски книжари, кои во саботата во нивните продавници организираа „совршен антидот" на тепачките по трговските центри, со батлер кој служи просеко, чај и колачи, и кулирање во кадифени столици со музиче во позадина.

Иако САД предничат по лудилото на „црниот петок", тоа полека ја зафаќа и Британија. Оттаму, оваа иницијатива на повеќе од сто книжарници низ земјата е истовремено и предупредување, за зачувување на, според нив, „цивилизираната атмосфера во која луѓето купуваат".

Во склоп на акцијата е организиран и натпревар за најдолго одење по стрмна улица со книга на глава, како и посебни тематски вечери посветени на одредени писатели. 

29 ноември 2015 - 12:08