Музичка басна

Kнига за деца на Џон Картер Кеш

Во пресрет на десетгодишнината од смртта на Џони Кеш, неговиот син ја издаде својата прва книга за деца. Лупус Рекс е посветенa на „сурово чесниот однос кон природата", кој таткото му го пренел уште во детството.

Џон Картер Кеш, како што пишува Гардијан, имал интересно детство, какво е тешко да замислиме за нашите деца - одел на лов со татко му околу нивниот дом во Тенеси, пукајќи во верверички, зајаци и елени. Мајка му, пак, Џун Картер, била вешт риболовец, па со неа минувале долго време во дивините на Аљаска. По ловот ги м'кнеле труповите на животните дома, ги дереле и ги подготвувале за вечера.

„Татко ми минуваше голем дел од времето надвор, во дивина. Од мојата шеста година минувавме неброени часови заедно во шумите или на езерата. Ме научи како да одерам зајак или да искубам дива мисирка. Ми покажа дека во природата има многу повеќе отколку што најчесто нè учат, или од она што можеме да го разбереме", раскажува Џон.

Сега ова знаење, за убавините но и страшните страни на природата, тој го преточил во книга под наслов „Лупус Рекс“, која е делумно фантазија, делумно басна, за група животни кои населуваат некакво шумско кралство. Кога кралот-чавка умира, сите чавки се собираат да одберат нов крал. Почнува голема борба за престолот, серија битни, предавства и обиди за повторно вопоставување на редот во нивната земја. Како што е и обично во басните, на сите животни им се дадени прекрасно опишани човечки карактеристики, а секое има и своја песна, на саундтракот кој ја придружува книгата. Музиката е на авторот на книгата, кој е истовремено и музичар и продуцент (има добиено Греми), а во соработка со музичари од Нешвил кои некогаш работеле со татко му.

„Оваа книга, колку што е за разбирањето на животните, толку е и за разбирањето на луѓето. Се сеќавам на една епизода кога како дете со татко ми наидовме на јато чавки и татко ми ми рече: 'Ги гледаш чавкиве? Ја гледаш онаа што најмногу вика? Нејзе ѝ се суди, и ако биде прогласена за виновна ќе биде осудена на смрт од останатите. Затоа се вика 'murder of crowds' (двосмислено - и убиство и јато чавки)", вели Џон Кеш.

Писателската кариера на Кеш започнала кратко време по смртта на неговите родители, кои починаа во период од неколку месеци во 2003, по легендарна 35 годишна врска. Во 2010 ја напишал биографијата „Куќата на Кеш", за која морал да копа низ семејните архиви, и да се потсетува и на добрите, но и на лошите моменти, како на пример сопствената зависност од дроги и алкохол. Сега, десет години по смртта на родителите, тој се грижи за студиото во кое тие ја создавале нивната музика, а ќе учествува во издавањето на досега необјавена музика и поштенската марка со ликот на татко му.

10 јули 2013 - 10:54