Победникот на Венецијанско биенале 2019

Kлиматските промени се досадна тема, освен кога не се

На годинешново издание на Венецијанското биенале главната награда за најдобар павиљон ја однесе Литванија. Перформансот кој се одвиваше во него беше на тема која звучи (пре)ангажирано. Но суптилниот пристап со доза на хумор и цинизам беше она што направи впечаток.

Уметноста поврзана со климатските промени знае да биде буквална, предидактичка, да се сведува на фотографии од поплави или на топографски мапи. Наспроти ова, литванскиот павиљон на Венецијанското биенале, под наслов „Сонце и море“ претставува свеж и откачен пристап кон оваа сериозна тема.

Од тераса на втор спрат од магацин во Венеција, гледачите гледаат надолу кон просторија исполнета со песок, каде изведувачи од секакви возрасти и големини се сончаат, лежат под чадорите и го прават она што обично луѓето го прават на плажа - ништо особено. Во далечината одекнуваат звуци на галеби и камиони со сладоледи. Еден по еден, тие пеат за свет кој е многу сличен на нашиот, полн со мали непријатности.

Проектот беше споменуван како еден од главните конуренти за Златниот лав, а негови автори се режисерката Ругиле Барџиукаите, драматургот Ваива Граините и композиторката Лина Лапелите. Премиерата се случила во Националната галерија на Вилнус во 2017, а за Венеција тој е адаптиран на англиски.

За разлика од други дела поврзани со климатските промени, кои главно имаат намера да го заплашат гледачот, во ова не се случува многу, а луѓето главно се жалат на секојдневни ситни проблеми, на пример дека никој не го чисти ѓубрето од нивните миленици по улиците или дека не паѓал снег на Божик. Иако станува збор за еколошки проблеми, пристапот не е воспитен, туку суптилен, дури и романтичен. Иако поентата не е дека крајот на светот не е близу, туку дека тој ќе се случи речиси неосетно, со резигнација и од мрзливост. За посетителите да можат и лично да придонесат за таа атмосфера, во текот на биеналето имаше отворен повик за пријавување на волонтери кои би лежеле на плажата заедно со актерите.

Претходно од Венецијанското биенале 2019 тука

13 мај 2019 - 14:51