Kиндл-от од 17 век

И пред електронските читачи, за кои велат дека имаат предност пред хартијата затоа што собираат голем број книги во едно апаратче, имало обиди за правење ваква портабл верзија на библиотека. Една од нив е од Британија, од 1617.

Библиотекарите од Универзитетот во Лидс пронашле нешто што се смета за прва подвижна библиотека, во формат погоден за патување. Taa не можела да се приклучи на интернет, немала позадинско светло, но била престижен артефакт, бидејќи ја поседувале само четири семејства во цела Англија.

Ја осмислил и ја нарачал Вилијам Хаквил, адвокат и пратеник во англискиот парламент, како новогодишен подарок за негов пријател. Се работи за дрвена кутија во облик на книга, која во себе содржи 50 помали, вистински книги, секоја од нив во обвивка од фина телешка кожа.

Какви тоа книги требало да ги придружуваат благородниците на нивните патувања? Секако класиците: теологија, филозофија, класична историја и поезија биле омилените жанрови, а Овидиј, Сенека, Цицерон, Виргилиј и Свети Августин најчитаните автори.

Книгите во кутијата се минијатурни по формат, но многу прецизно изработени, украсени со златни цвеќиња на „грбот“, а на корицата со ангелче кое држи свиток со натпис Gloria Deo (Слава на бога). За полесно снаоѓање во колекцијата на внатрешната страна на кутијата е наведен и богато украсен индекс на 40-те содржани наслови, во три колони.

Хаквил бил нарачател на уште три вакви подвижни библиотеки во следните години за негови блиски пријатели, кои денес се чуваат во Британската библиотека, како и во две библиотеки во САД.

4 август 2017 - 17:37