Да не беше глупо ќе ставевме повеќе извичници

Кендрик Ламар доби Пулицер!

Прв пат во 75-годишната историја на престижната награда, која се доделува во областа на новинарството, книжевноста и музиката, во последната категорија признанието не го доби дело од џез или од класика. Албумот Damn на Ламар, за кого ја доби наградата, како и целото негово творештво, додуша е мешавина од многу нешта.

„Ова е свет кој не го познавам, И реално (црнци, гето, убиства, дроги), но и дискурзивно, како современа епска наративна форма. Претпоставувам Кендрик не е некој тотален револуционер и во содржинска и во формална смисла, дека се надоврзува на постоечки шеми, но она што мене ми е важно како аутсајдер е етнографскиот момент - регистрирањето (претпоставувам) документарни и усни кажувања на луѓе кои инаку не би биле ниту регистрирани, ниту раскажани.

Дека ова е релевантен метод на спомнатото полека се прифаќа во академија (види тука). Целата песна што ми ја испраќаш (Sing About Me, I'm Dying of Thirst, од вториот албум),  тотално се вклопува во можниот модел на еден академски „труд“ - исказ на „информатор“, комбиниран со авторефлексивност на истражувачот за сопствената етичка позиција (кој сум јас да знам како му е на другиот, кој сум јас да профитирам од неговата/нејзината приказна итн.). See, all I know, is takin' notes би била радикална критика на она што го прави еден етнолог/антрополог, или самопризнание за сопствената импотенција вон улогата на регистратор.

Во поетска смисла во неа има многу. My titties bounce on the cadence of his tinklin' keys е брилијантна комбинација на слика/збор/замислен звук. И можеби некогаш и Кендрик ќе добие некоја поетска/книжевна награда, како Дилан, за сопствените хроники на неговото време. Само прво треба да се преживее дур се раскаже, па потоа евентуално да се валоризира. Затоа што е црно, гадно и (ваљда) не-мејнстрим, бар не у споредба со Tејлор Свифт.“

Ова му го напишав на другар пред некој месец, длабоко загазен во Ламар, кој знаејќи дека преку рап не може да ми го „подметне“ ми испрати само негови стихови. И ме ќари.

Иако му предвидовме, Ламар, кого го нарекуваат интимен раскажувач на приказни, социјален коментатор, авангарден џез-уметник, популарен рапер, сега додаде генерално неочекувано признание во својата биографија. Додуша не само за стиховите, туку и за музиката. Неговиот четврт студиски албум уште кога излезе беше пречекан со ловорики, а и претходните се сметаат како едни на најдобрите на 21 век (до сега). И на сите пишува дека содржат „експлицитен материјал“, што барем до сега не важеше и за „материјал за Пулицер“.

Лани наградата ја доби Ду Јун за операта „Ангелска коска“, едночинка за двајца ангели кои на земјата паѓаат во раце на алчен пар и се принудени на духовно и сексуално ропство. Традиционално наградите до сега ги добиваа токму класични дела, оркестарска музика и понекое џез парче. И оваа година конкуренцијата беше слична, но DAMN ги победи другите двајца финалисти, жичан квартет со изведба во Карнеги Хол и кантата напишан за камерен хор, гитара и перкусии.

Дана Кени, администраторот на наградата, одлуката ја објаснува вака: „Жирото зема предвид парче музика за кое сметаа дека има хип-хоп влијанија, и рекоа: Па ако е така, зошто не земаме предвид асли хип-хоп? И потоа некој предложи - Тоа е баш она што треба да го направиме. На тоа се надоврза трет со - Тогаш треба да го земеме предвид Кендрик Ламар. И сите рекоа ’апсолутно’“.

Веројатно и на жирито треба да му се даде еден Пулицер.

Од останатите наградени, списокот е следен:

Белетристика: Less од Ендрју Шин Грир

Драма: Cost of Living од Мартина Маџок

Историја: The Gulf: The Making of an American Sea од Џек Е. Дејвис

Биографија: Prairie Fires: The American Dreams of Laura Ingalls Wilder од Каролин Фрејсер

Поезија: Half-light (Collected Poems, 1965-2016) од Френк Бидарт

Нефикција: Locking Up Our Own: Crime and Punishment in Black America од Џејмс Форман помладиот

За крај, DNA од наградениот албум, со стихови

Илина, Букбокс

17 април 2018 - 09:15