Кажи им на пчелите: подзаборавен обичај на комуницирање со инсектите

Песна на англиски доселеник во САД од 19 век содржи интересен детал, кој не е само некаква поетска метафора, туку податок за вистински обичај во фолклорот на Нова Англија (североистокот на САД). Тој укажува на поврзаноста на луѓето со останатите суштества и потребата од споделување и арно и лошо.

Џон Гринлиф во 1858 ја напишал песната „Кажувајќи им на пчелите“. Во неа неименуван говорник се враќа по една година отсуство од дома. Забележува дека ништо не се променило, освен пчелините кошници. Едно девојче пее тажна песна додека ги прекрива со црно платно. Тој станува свесен дека песната е всушност разговор со пчелите, и дека девојчето ги информира за некој што заминал „на патување на кое сите мораме да појдеме“. Подоцна станува јасно дека починатата е всушност неговата сакана.

Самиот поет во објавата на песната во Атлантик вклучил вовед во кој го објаснува обредот „кој некогаш постоел“ и кој според него бил донесен во Америка од „старата земја“ (од Англија). Фактот што тој почувствувал потреба да внесе вако појаснување укажува на тоа дека дури и во средината на 19 век традицијата на „кажи им на пчелите“ била во исчезнување.

Практиката на разговор со пчели во трауматични околности и споделување на лоши вести со нив најверојатно води потекло од келтската митологија, каде присуството на пчела по смртта укажува на тоа дека душата на починатиот го напушта телото (во словенската традиција тоа е повеќе пеперутка).

Кога се соопштувала вест за смрт во семејството тоа требало да се стори за секоја кошница посебно, со потчукнување еднаш по неа и пренесување на веста. Кошницата потоа се покривала со црно платно. Се сугерирало ова да се прави на полноќ, со шепотење или со пеење. На некои места имало говорна формула која гласела: „Мали кафеники, мали кафенки, вашиот господар (или господарка) е мртов“. Доколку пчелите се вознемиреле по ова тоа било толкувано како добар знак, дека животот продолжува и дека наскоро нема да има друга смрт во семејството.

За да се регистрира промената на вообичаениот поредок на нештата, освен платното, се практикувало и поместување на кошниците (тн. „рикинг“) кога најстариот син во ужаленото семејство требало да ги помести кошниците кон десно, или да ги намести така за да се свртени кон семејниот дом. Ова требало да се случи само доколку починатиот е умрен и чуван дома.

Доколку не се испочитувал овој обред последиците можеле да бидат катастрофални. Ова го регистираат и викторијанските биолози, како Маргарет Ворнер Морли, во нејзината книга „Медарите“ (1899). Таа наведува случај од Норфолк каде човек купил кошница пчели на аукција. Кога се вратил дома со нив, пчелите веднаш се разболеле. Се испоставило дека нивниот стар сопственик не бил соодветно обжален и дека тие го немале минато процесот на „исцелување“. Откако новиот газда го направил обредот пчелите оздравеле. Има приказни и за цели колонии пчели кои умреле затоа што семејството не ги испочитувало со веста и со соодветната процедура.

Но во периодот пред објавувањето на песната, во Западна Европа известување на пчелите се правело не само за лошо, туку и за убави мигови, како свадби или раѓање на дете. Пчелините кошници тогаш биле украсувани со цвеќе и гранчиња, а пчелите добивале и колачи (можеби со мед?) и парче торта.

5 мај 2021 - 08:32