Спорт-книжевност-спорт

Карим Абдул-Џабар напиша роман за братот на Шерлок

Првиот роман на големиот кошаркар ќе се однесува на еден мал, и неправедно маргинализиран лик, постојано во сенка на неговиот брилијантен брат. Веќе замисливме филмска верзија, и ги доделивме улогите.

Карим Абдул-Џабар, освен што е еден од најславните имиња на професионалната американска кошарка, е автор и на неколку бестселери. Помеѓу осумте книги, напишани главно во ко-авторство, е автобиографијата „Џиновски чекори", како и историската „Браќа по оружје", којашто се однесува на единствената целосно Афро-американска единица во Втората светска војна.

Но Карим, како посветен фан на Шерлок Холмс, одамна имал желба да напише книга за него, односно за неговиот постар брат, Мајкрофт. Опишан од креаторот на Шерлок, Конан Дојл, како „човек без амбиција и енергија, без никакво чувство за практичност", тој - Мајкрофт - во неколку книжевни епизоди му помага на брата си со своите луцидни совети.

Можеби Карим сака да ја исправи неправдата кон ликот кој е постојано во сенката на неговиот брилијантен брат. Истото пред него се обиделе да го сторат и Мајл П. Ходел и Шин М. Рајт, во книгата „Пуштете го лавот: постхумен мемоар на Мајкрофт Холмс" во 1979. Но романот на Карим, којшто го напишал заедно со сценаристката и продуцентка Ана Вотерхаус, се однесува на младешките години на Мајкрофт, кога после неговото дипломирање почнал да работи за британската влада. Тој заминува за Трининад да испита неколку мистериозни исчезнувања, како и да открие нешто повеќе за неговата вереничка Џорџијана, која како дете растела на островот.

Книгата ќе излезе на есен, а кој знае, можеби по неа ќе следи и филм. Кој би бил добар за улогата на седум години постар, не глуп ама многу полежерен тип од Кумбербач? Нам пред очи ни излегува Бил Мареј - каква комбинација би било тоа, особено ако Вотсон го игра баш Џабар.

А не дека тој нема филмско искуство - еве го (од трета минута) во антологиската сцена во Forget Paris, во која Били Кристал го исфрла од теренот на неговиот последен меч.

27 јануари 2015 - 16:00