Kaко звучат композициите на петгодишниот Моцарт?

Стар-мало со перика и кадифени костумчиња кое настапувало по замоците на 18-вековна Европа, Моцарт можел да отсвири сè што ќе се стави пред него. Но исто така и да компонира.

До моментот кога наполнил шест години Моцарт веќе имал напишани десетина забележителни дела за клавијатури, како и други инструменти. А неговите први обиди за компонирање започнале кога имал само четири години.

Во видеото подолу можат да се слушнат неколку кратки парчиња, чии ракописи се чуваат во библиотеката и музејот Морган во Њујорк (eден од скеновите погоре). Тоа се најраните познати дела на Моцарт, компонирани кратко по неговиот петти роденден. Запишани се од татко му, Леополд, во тетратка која ја користел кога ги подучувал Волфганг и неговата сестра Марија Ана (позната како Нанерл).

Од детството и тинејџерските години на Моцарт се чуваат и други композиции. Неколку од нив се вклучени во таканаречената „Лондонска тетратка“, која тој ја пополнувал додека престојувал во Англија, помеѓу 1764-5. Тука веќе се забележува проширување на неговите музички теми споредено со раните композиции.

Па сепак, музиката на Моцарт секогаш содржи извесна игривост. Тоа е квалитет кој никогаш ги нема напуштено неговите дела. Единствен исклучок е Реквиемот, но ова финално ремек дело било завршено од други композитори, најпрвин од неговиот ученик Франц Ксавер Зусмаер, по што следеле верзии од повеќе други автори (една од најпопуларните е онаа на американскиот музиколог Роберт Д. Левин). Сепак, ниту еден од нив не се одликувал со дух како оној на Моцарт, детето со огромен талент кој прераснал во најголемиот композитор на сите времиња.

21 септември 2017 - 17:21