Лингвистички отпор

Како се вика „пијам да се опијам“ на француски?

На Французите мора да им се оддаде почит за напорот да стават јазична, па оттаму и културна брана, од туѓите влијанија. Секако, тие на долги стази ќе се покажат залудни. Но барем идните генерации ќе знаат дека некој некогаш се обидел.

Генералната комисија за терминологија и неологија е француско владино тело чија обврска е да го промовира францускиот јазик и да го заштитува јазичниот фонд од наездата на странски зборови. Пред неколку дена таа издаде официјално соопштение во кое вели дека наместо американскиот израз binge drinking треба да се користи изразот beuverie express, нешто кое самата Комисија го дефинира вака: „Прекумерно консумирање алкохол, често како дел од група, чија цел е да се предизвика интоксикација во минимум потребно време". За разлика од оваа дефиниција, Мериам-Вебстер, речникот на англиски јазик, оваа појава ја толкува едноставно како „ниво на пијанство".

Ова секако не е прв, а ни последен пат овој орган да излезе со француски алтернативи за англиски термини, како на пример mot-dièse наместо хаштаг или courriel за e-mail. Но вон лингвистичката дискусија, многу поважно за поголемиот број Французи е што ваков израз во францускиот е воопшто потребен. За нив тоа е знак за промена во пијачките навики на нацијата, која до скоро уживала во бавна и лежерна пијачка.

Имено, до сега се сметало дека брзото и неодговорно пиење е „англиска работа" (како што и голем број други 'лоши' работи се, нели, англиски од аспект на Французите), нo неодамнешни студии укажуваат на тоа дека навиката некако прешла на француските брегови, особено кај младото население. Така, во извештај издаден во јули oваа година од францускиот Национален институт за превенција и здравствено образование, се вели дека 25,5 проценти од граѓаните помеѓу 15 и 30 години признале дека во текот на еден месец пијат шест или повеќе пијачки, што е повеќе од 18-те проценти население помеѓу 31-45 години кое признало дека го има сторено истото и 10-те проценти од оние над 60.

Што се однесува до македонскиот, ваков термин за пиење во него нема. Додека ние тоа го протолкувавме како добар знак, поупатените нè сосекоа - тоа, намерното пиење за да се опиеш, како што велат, се подразбирало под генералното „пиење". Брзо-бавно, тоа е.

Mузичка илустрација: Васил Атанасов - „Ќе пијам да се опијам“

6 август 2013 - 15:02