Како се пишува моќна реченица?

Понекогаш помислуваме дека треба да сме пресреќни кога ќе прочитаме барем коректна и артикулирана реченица на македонски. Но има и нешто повеќе од тоа - да прочиташ (или напишеш) реченица која е истовремено суптилна и силна.

„Добрата проза е како прозорско стакло“, напишал Орвел. Читателот не смее да ги забележува зборовите повеќе отколку што некој кој гледа низ прозорец би го забележал стаклото.

И ова во негово време била необична метафора. Англиските прозорци во 1946, кога Орвел ја напишал оваа реченица, веројатно биле посипани со јагленов прав, или покриени со влага и мраз заради влажноста во куќите. Стаклото можеби било напукнато од бомби или покриено со фолии заради заштита од истите. Или напротив, метафората е сосема разбирлива токму во вакви околности, во кои писателот се обидува да си го прочисти стилот онака како што би сакал да ги исчисти тие негови прозорци, од нечистотијата на секојдневието.

„Најголемиот непријател на јасниот јазик е неискреноста“, продолжува тој. Неискреноста исплукува уморни идиоми „како што сепијата исфрла мастило“. Лошите идеи се лоши пријатели на лошата проза. А лажните мисли создаваат лажни реченици.

И дури и ова да е точно, тоа сепак не помага во практична смисла да напишеш моќна реченица. Дали ако си само искрен си веќе голем писател? Мора да има уште нешто, вештина на избор, комбинирање и воспоставување логика врз она што изгледа како хаос од зборови. Граматиката и правописот на секој јазик го намалува бројот на алтернативи за писателот - па сепак тој или таа секогаш можат (ако ги бива) да најдат „дупка“ во правилата, за реченицата да има смисла но и да звучи малку откачено.

Реченицата треба да е нешто повеќе од нејзиното буквално значење. Жива низа од зборови, каде се среќаваат смислата и звукот, дури и кога звукот се слуша само во главата на читателот. Речениците на писателите-почетници, или на оние помалку вештите, често се преокупирани со она што сакаат да го кажат, а не со тоа како звучи и изгледа тоа нешто. Тие ги маргинализираат сопствените зборови и се фокусираат на значењето, се колнат во содржината а забораваат дека содржината и формата се едно исто, дека она што реченицата го кажува е истовремено и начинот на кој таа тоа го прави.

На англиски, зборот sentence доаѓа од латинското sentire, чувствува. Реченицата мора да биде почувствувана од читателот, но не одеднаш (бидејќи ниту една реченица не може одеднаш да биде прочитана), туку постепено, онака како што тече. Вирџинија Вулф велела дека сака да пишува вон „формалната железничка пруга на реченицата“, да отслика како луѓето мислат или чувствуваат или сонуваат. Нејзините реченици имаат форма на серпентини, при што отсечките од патот се поврзани едни со други со цртички и запирки. И што е најважно, варираат во должина - од долги еластични реченици до кратки и ударни.

Да се отвори која и да е книга и да се најде реченица која може да функционира засебно, како свет за себе, значи дека вреди да се прочита и целата. Читателот, откако ќе ја прочита таа една реченица, ќе сака уште. Добрите писатели не пишуваат во реченици, туку низ реченици, третирајќи ги не како цел, туку како средство.

слика горе: страница од ракопис на Пушкин

Извор

24 септември 2018 - 07:17