Како книгите за самопомош инспирирале писатели како Хемингвеј или Вулф

„Оние што пишуваат прирачници за самопомош во однос на другите писатели се како жаби во споредба со цицачите; тие не се раѓаат, тие се мрестат“. Така напишал влијателниот новинар на Њујоркер, Двајт Мекдоналд во 1954. Но поделбата на „сериозни“ и „популарни“ писатели не била секогаш толку ригидна колку што изгледа. 

На прв поглед, прозаистите и поетите, „сериозните“ писатели, немаат никаква врска со авторите на прирачниците за самопомош. Првите создаваат, вториве мултиплицираат. Но влијанието на самопомошта врз „елитната“ книжевност е многу подлабоко отколку што може да се претпостави.

Со подемот на книжевноста од 20 век, писателите се соочиле со нов жанр. Делува анахроно ако замислиме француски симболист, на пример Шарл Бодлер, како втренчено чита водич од типот „Како да се збогатиш преку ноќ“, или како Гистав Флобер користи прирачник „направи сам“. Но веќе во 1908 Вирџинија Вулф толку се „заразила“ од практичниот водич на Арнолд Бенет, „Како да живееш 24 часа дневно“ што тоа влијание се чувствува и во нејзините романи. Ова ни изгледа чудно само затоа што повеќето истражувачи - особено оние од областа на книжевноста - до скоро ја игнорирале или целосно отфрлале самопомошта, па заедно со тоа пропуштиле да го регистрираат големото влијание кое овој жанр го имало дури и врз најпрестижните автори. Тие навистина знаеле да исмеваат вакви дела, нарекувајќи ги „сирово практични“, но истовремено учеле од нивната привлечност, зајмеле од нивните техники и така го зголемувале своето културно влијание.

Денес Бодлер, Флобер и Вулф можеби изгледаат како победници во смисла на историјата на книжевноста. Но сакале или не, живееме во свет на самопомош. Пазарот на вакви книги во САД до 2022 ќе вреди 13,2 милијарди долари. И иако е тешко да се дојде до прецизни информации, со оглед на различните етикети под кои се продава, самопомошта е бестселер жанр во Јужна Америка, Кина, Африка, Блискиот Исток, а сигурно и Балканот. Значи, низ целиот свет.

Првиот меѓународен бестселер кој продавал самоподобрување е „Самопомош“ на Семјуел Смајлс (1859). Токму од него и потекнува овој термин, на кого му го должат својот успех бројни уметници, пронаоѓачи и трудбеници, кои ја искористиле индустријата и сопствената енергија за да си го подобрат животот. Критичарите ја исплукале книгата, ја нарекле „ода на себичноста“, но авторот го сметал својот прирачник за алатка за инспирација на работничката класа. Книгата служела за описменување на самоуките сиромашни слоеви во раниот 20 век, во земји како Нигерија, Сирија, Гватемала, Тринидад и Јапонија (легендата вели дека во ред за купување на книгата имало и самураи). Во 1917 американскиот поет Езра Паунд ја отфрлил ваквата „книжевност за самоподобрување“, споредувајќи ја со вирус, а англискиот автор Х. Џ. Велс напишал поучна приказна, „Напуштањето на Џејн“, за млад маж кој ја чита „Самопомош“. Таа му удира во глава и го поттикнува да си ја напушти вереницата, и своите принципи.

Оттаму, ретки биле примерите кога книжевен автор истовремено успеал и во овој втор жанр. Еден од нив бил спомнатиот Бенет чија книга била инспирација на Вирџинија Вулф (двајцата на сликата горе). Иако бил на широко исмеван од колегите-писатели, мува не го лазела - помеѓу две крстосувања со неговите две јахти, пишувал популарни романи и „џебни филозофии“, здраворазумски водичи кои нуделе совет за тоа како најдобро да се проживее животот. Се вели дека Хенри Форд купил 500 примероци од спомнатата „Како да живееш 24 часа дневно“. Самиот Бенет пак изјавил дека неговите книги за самопомош му донеле повеќе писма на благодарност од читателите отколку сите останати негови книги заедно.

Иако потајно го ценела, Вулф во еден момент сепак многу му се налутила. Причината било што Бенет напишал негативна критика за нејзиниот роман „Собата на Џејкоб“ (1922), велејќи дека во ликовите и воопшто во книгите на неговата колешка „недостасува виталност“. Но Вулф не останала само на лутина, туку му одговорила со две дела кои денес се сметаат за манифести за модерната - „Модерна фикција“ (1921) и „Господин Бенет и госпоѓа Браун“ од 1924.

Кога Вирџинија и нејзиниот сопруг Леонард конечно се сретнале со Бенет на некаква вечера, целата јавност ги начулила ушите. Бенет изјавил дека иако двајцата биле мрачни, сепак му се допаднале. Овие пак биле позлобни и го исмевале за д’ткањето. Но кога Бенет умрел во 1931 откако испил чаша вода контаминирана со бактерија на тифус, антипатијата на Вулф смекнала. Трагичниот инцидент влегол во романот на Џојс, „Финегановото бдеење“, кој се сретнал со Бенет непосредно пред смртта, на вечера во Париз.

Случајот со Вулф и Бенет не е единствен пример за соработка помеѓу писателите „од високото добро утро“ и оние од „пониските“ слоеви. Ернест Хемингвеј, на пример, почнал да ги применува советите на својот вујко, Алфред Тајлер, чијшто прирачник го добил во 1917 како подарок за дипломирање. Книгата со наслов „Како да успееш и да го оствариш својот најголем успех...“ (1915) комбинирала христијански идеали на борбена храброст и стоицизам со комерцијални и бизнис стратегии. Додуша, некои од советите немале голема врска ни со едното ни со другото, на пример оној кој промовирал екстремно долго џвакање на храната. Иако Хемингвеј во текот на животот сменил голем број локации, исто како и неговата огромна збирка книги, успеал да го сочува овој том целиот негов живот, и да се инспирира во градењето на своите ликови од машкото херојство кое тој го промовирал.

извор

28 јануари 2020 - 08:45