Визуелизација на „оф!“

Како изгледа болката?

Фотограф од Њујорк живее со хронична болка во ’рбетот. Одлучил својата и болката на своите блиски да ја визуелизира низ фотографии.

„Во текот на минатата година забележав дека алармантен број мои пријатели доживуваат постојана хронична болка. Сакав да им помогнам, но не знаев точно како. На крајот на краиштата, болката е интимнa и лична работа. Наместо тоа создадов визуелен јазик низ кој јас, и другите, ќе можат појасно да ја разберат димензијата на своето искуство“.

Вака го објаснува својот проект „Како ме боли“ (How I Hurt) фотографот Џастин Џ Ви (Justin J Wee) на својата официјална страница, кој се обидува да го преведе физичкото чувство кое го опишуваат оние со кои разговарал во визуелна уметност.

Еве некои од примерите:

Аденомиоза (горе)

„Пред да ме здоболи, телото ми е полно хормони и со нивните не толку забавни последици. Зборовите ми се изоструваат, солзите доаѓаат ненадејно. Болката надоаѓа секој месец, а нејзините остатоци ги чувствувам секојдневно. Како нож е кој се движи низ мене, како кога се пали оган. Кожата ми има изградено тврдина околу болката, спречувајќи го нејзиното бегство. Пијам лимонада за да ја излечам вртоглавицата и прегрнувам шише топла вода, надевајќи се дека жештината ќе ми ги отргне мислите од пожарот кој ми беснее внатре. Гневна сум, плачам, беспомошна, како може телото да ме предава вака? И толку често?“

Силни главоболки

„Многу се плашам од оваа болка. Толку ми е позната, што дури и ако размислувам за неа почнува да надоаѓа. Нападите на главоболки се случуваат во исто време секој ден и се повторуваат со недели. Ме посетуваат неколку пати дневно и прават да не можам да функционирам неколку часа. Почнуваат зад окото, а болката е истовремено прободувачка и експлозивна. Ми пулсира околу черепот и по вратот. Се сеќавам дека еднаш ме фати среде работно време. Тргнав накај дома, десет блокови подолу, но не можев да стигнам. Толку ми беше лошо, и болката беше толку силна, што морав да легнам зад една грмушка во паркот додека таа да си замине.“

Синдром на хроничен замор

„Во еден момент се чувствувам задоволна, но одеднаш ме погаѓа како бран и се чувствувам изнемоштена. Единственото нешто на кое може да мислам е како да се вратам во кревет, иако сум будна само два часа. Чувството е како да имам тешко волнено ќебе врз себе, или како да носам ќеси од продавница полни густа магла. Се обидувам да излезам од ова со прекумерни количини кафе, но уморот ми ја уништува продуктивноста, а од друга страна ми ја поттикнува депресијата. Во тој миг не знам каде завршува едната а каде другата состојба, и сум фатена во магичен круг кој чекам да помине со тоа што ќе се затворам во соба со денови“.

Недијагностицирана состојба

„Чувствувам воспаление во вратот и тежина во ушите. Одеднаш умот ми е исполнет со поле облаци. Постепено тие стануваат цврсти, ширејќи се и притискајќи на страните од черепот за да излезат. Болката не се движи и не пулсира, но само стои таму, одземајќи ми го вниманието. Бидејќи е толку статична, се научив да ја одделувам од себе. Веќе не мислам на неа како на ’мојот расипан мозок’, туку како на ентитет кој не сум јас.“

10 октомври 2019 - 08:24