Концептот на „Шаулагер“

Како истовремено да чуваш уметност во магацин, и да ја презентираш?

Шаулагер од надвор изгледа прилично мистериозно - нешто помеѓу огромен бункер и склад. Всушност станува збор за интересен концепт, кој дава сосема поинакво значење на музејскиот термин „депо“.

Schauen - гледање, прикажување. Lager - складиште, депо. Шаулагер е име на трамвајска станица но и на институција во Базел, која комбинира складирање, проучување и презентирање на современа уметност. Вообичаено двете функции на музеите и галериите - презентирањето и складирањето - се исклучуваат една со друга. Но не и тука: невообичаениот концепт обезбедува пристапност до делата истовремено додека тие се во магацин.

И тоа каков магацин!

Влезната порта затскрива грандиозна градба, во која шест дена по ред, од 11-16 јуни, беше овозможено да се влезе со водич и да се видат просториите и делата, за што инаку би требало да се закаже посебен термин, со претходно одобрение. Поводот за отвореноста е истовременото одржување веројатно најголемото шоу на современа уметност во Европа во моментов - Арт Базел (13-16.6), кога целиот град е полн со уметници, сопственици на галерии, претставници на музеи и љубители, и кога покрај главната програма се организираат и куп други настани.

Зад Шаулагер стои фондација формирана во далечната 1933 од тогаш 36-годишната Маја Хофман, посветена на, како што вели официјалниот сајт, „собирање дела кои се визионерски, генерално неразбрани во периодот кога се настанати, без оглед на националноста и материјалниот статус на уметникот, туку само врз основа на уметничкиот квалитет на делото во контекст на новите изразни средства“. Таа го носи името на сопругот на Маја, Емануел Хофман, син на Фриц Хофман-Ла Рош, основачот на истоимената фармацевстка компанија, кој починал на 33 години кога неговиот автомобил удрил во воз на необезбеден премин. Тој и неговата сопруга во тој момент веќе поседувале голема збирка на модерна уметност, а првото дело кое го набавиле било „Акробат“ на Шагал од 1914. Голем дел од првичната збирка е од белгиски автори, бидејќи Емануел во еден момент бил испратен во Брисел за да го води тамошниот огранок на фирмата на татко му.

Главен партнер на фондацијата денес е Уметничкиот музеј на Базел, кој има предност во позајмувањето и изложувањето на дела од колекцијата во своите простории. Но во принцип сите слики, скулптури, инсталации, видео дела и филмови од над 150 уметници денес се складирани во Шаулагер, меѓу кои од класиците на модернизмот Пол Кле, Макс Ернст или Ханс Арп, но и од нови и помалку познати современи уметници, чие време според фондацијата допрва доаѓа.

Зградата која претставува нивен дом е подигната во 2003, а за некој кој доаѓа од земја во која музејските депоа знаат да бидат морничави, ретко отварани и често несоодветно одржувани, нејзината софистицираност претставува шок. Архитектите Херцог и де Мурон точно знаеле што прават: штекери заради безбедност има само на еден спрат за оние дела кои бараат струја; преградните ѕидови помеѓу просториите се мобилни, а на таванот има дупчиња кои овозможуваат нивна едноставна дислокација и повторно поставување; местото на сите дела е многу јасно означено иако станува збор за огромен простор (приземје и три пространи катови); ниските спратови каде понекогаш се организираат изложби се ентериерно „потопли“ - на пример имаат дрвени гелендери на скалите, додека повисоките, кои се достапни само на вработените и со закажување за истражувачки цели, се целосно бетонски „голи“, иако не и грди; обезбедувањето е на навидум непотребно високо ниво; не смее да се фотографира, а барем за време на овие отворени денови во секоја група освен водичот има барем тројца „чувари“.

Делата не се презентирани на ист начин како што би биле поставени кога би биле во музеј или на изложба. За да се добие на простор, некои дела се „стегнати“, не се поставени на вистинската висина, а нема и никакви објаснувања на ѕидовите („ова не е изложба“ - потсетува водичот). Сепак, она што ги прави делата многу подостапни од оние кои се чуваат во класични магацини е што тие не се спакувани во некакви херметички затворени кутии, во целофани или по фиоки, туку се на ачик, за оние кои сакаат да ги видат да не мораат да чекаат нивно официјално изложување.

Средствата вложени во едно вакво место се сигурно огромни. Но она што останува како впечаток долго откако ќе се излезе од градбата е колку добро тие пари се употребени, за организирање простор кој според безбедносните стандарди лесно би можел да се користи како бункер во случај на нуклеарна катаклизма или воен напад. Додуша, четирите швајцарски нуклеарки до сега функционираат беспрекорно, а последната војна земјата ја водела на почетокот на 19 век. После тоа во мир можела да се посвети на пофини работи - на пример на правење пари и собирање уметност, за која некои идни генерации ќе учат како за класика.

Илина, Букбокс

13 јуни 2019 - 23:55