Kако големите букви станаа симбол за ДЕРЕЊЕ

„Нетикета“ или онлајн бонтон-от не се состои од правила врежани во хард диск. Дали емотикони се соодветни во формални мејлови? Дали треба баш секогаш на крајот од мејлот да ги додавате вашите податоци, иако оној од другата страна многу добро знае кој сте? Но како да има една работа што не трпи дискусија: КУЦАЊЕ СО КАПС ЛОК Е РАМНО НА ВИКАЊЕ. И НАВРЕДЛИВО Е!

Голема буква на почеток на реченица значи токму тоа, дека почнува нова реченица. Има и јазици во кои некои видови зборови се пишуваат постојано со голема, како на пример именките во германскиот. Но денешното доживување на големи букви како викање најверојатно датира од почетоците на интернет. Во 1984 на Јузнет групите (претходниците на денешните форуми и на Редит преписките) напишал:

Изгледа дека се развиваат конвенции во врска со употреба на различни нагласувачи. Засега ги има три вида:
1) Користење ГОЛЕМИ БУКВИ за зборовите да изгледаат „погласни“
2) употреба на * ѕвездички * околу нагласените зборови, и
3) о д д е л у в а њ е на зборови, понекогаш комбинирано со 1 и 2

Желбата да се користат големи букви за да се асоцира на некаква помезност или естетска сериозност сепак е постара од 1984. Според професорот Пол Луна, директор на одделот за типографија и графичка комуникација на Универзитетот Ридинг во Велика Британија, ваквата употреба била позната со илјадници години, барем откако римските императори почнале да ги врежуваат своите подвизи во столбови, плочи и на споменици. Во областа на книжевноста ваквата појава е поретка (обично ако се нагласува текст се оди на курзив), и знае да претставува дури и основа за подбивање со авторот што користи капс лок (како во случајот со автобиографијата на Брус Спрингстин, за која пишувавме тука). А пак оние кои пишуваат цели мејлови со големи букви (а притоа не се лутат никому) или се премногу мрзливи да го исклучат caps lock-oт и да почнат од почеток кога веќе напишале пола мејл на слепо, или како ликови уживаат да штрчат и да зафаќаат поголема територија.

Во 2006 белгискиот софтвер инженер Питер Хинтјенс почнал кампања CAPSoff, со цел оваа типка целосно да биде отстранета од тастатурите. Голем број од медиумите тогаш ја поддржаа. Но кампањата сепак не ја оствари мисијата. Сега иницијативата се обновува, со една мала но битна измена. Наместо во капс лок, кога сакаш некому да му се издереш тоа да се прави со пишување р а з д е л е н о. Тоа бара повеќе време и нерви, таман толку за да размислиш дали навистина сакаш да го направиш тоа, додека да кликнеш „испрати“.

27 февруари 2018 - 16:02