Бертранд Расел

Како да не остариш?

Вообичаеното визуелно претставување на некој кој (демек) не старее е по малку тажно: стари луѓе кои чекорат по патеки послани со жолто лисје, такви кои облечени во шорцеви и стегачи околу глава се мачат на траки за трчање или се обидуваат да рапуваат. Но има и друг начин да не те снеможи мислата на стареењето, вели Расел.

„Како да остариш“ е есеј на Бертранд Расел, кој тој го напишал кога имал 81, шеснаесет години пред да почине, на возраст од 97.

Во него Расел не им се додворува на читателите. „Што се однесува до здравјето“, вели тој, „немам ништо корисно да ви кажам. Јадам и пијам што сакам, и спијам тогаш кога не можам да останам буден“. Вистинскиот рецепт за останување млад според него е примерот на неговата баба по мајка, која била толку вовлечена во сопствениот живот што „немала време да забележи дека остарела“. „Ако имате широки и вистински интереси и активности нема да имате причина да се занимавате со статистичкиот факт - бројот на вашите години кои веќе ги имате проживеано - а уште помалку со веројатната краткост на вашата иднина“.

Ваквите интереси, вели тој, треба да бидат „не-лични“, односно да не се прават заради задоволување на сопственото его, ниту да се очекува некаква награда за нив.

„Најдобриот начин да се надмине стравот од смрта е нашите интереси да се прошират и да станат помалку лични, до моментот кога ѕидовите на егото ќе попуштат, а нашиот живот ќе се претопи во оној универзалниот. Индивиуалното човечко постоење треба да биде како река: мало на почетокот, стеснето во своето корито, потоа страсно минувајќи крај карпи и паѓајќи во форма на водопади. Постепено реката се шири, водата тече потивко и на крај, без видлив премин, водите се влеваат во морето и безболно го губат своето индивидуално постоење.

Човекот кој на старост може да си го види својот живот на овој начин нема да страда од страв од смртта, затоа што нештата кои ги носи ќе продолжат. И доколку со падот на виталноста човек почнува да снеможува, мислата на малку одмор нема да биде недобредојдена. Би сакал да умрам додека уште работам, знаејќи дека другите ќе го продолжат она што јас не можам повеќе да го правам, и задоволен од мислата дека она што било можно, е сторено.

Целиот есеј на Расел тука

Претходно: „Ќефот на стареењето“ (есеј од Милош Васиќ)

13 декември 2018 - 15:41