Како да архивираш веб-сајт за следните десет илјади години?

Со менувањето на начинот на којшто генерираме содржини, се менува и дефиницијата на она што би можел да биде „артефакт“ за археолозите од иднината. Но како воопшто да им оставиме нешто, од кое ќе дознаат за начинот на којшто сме живееле, мислеле и чувствувале? 

Во мај 1940, Торнвел Џејкобс, претседател на Универзитетот Оглторп во Атланта, изградил нешто што се смета за најстара и најголема милениумска временска капсула во светот. Планирањето на „Ризницата на цивилизацијата" започнало уште во 1936, а нејзина цел била да собере архивски материјал кој покрива над 6000 години. За Џејкобс ова претставувало негова „археолошка должност" - обврска тој и неговата генерација да им обезбедат на идните историчари материјал кој е научно селектиран и зачуван, а се однесува на животот до дваесетиот век. Ризницата не требало да се отвара до 28 мај 8113, а единствено нешто што може да се посети во неа во моментов е - блиндираната челична врата.

Но како би изгледала ваква „ризница" доколку би се правела денес? Hi.co е сајт кој им овозможува на корисниците да постираат „моменти" со нивни фотографии и текст. Со оглед на тоа што од септември 2016 сајтот ќе се затвора, неговите сопственици објавија дека сите постови во базата ќе бидат микроиспечатени на плочка изработена од никел, со големина пет на пет сантиметри. Значи целиот сајт, 2 милиони зборови и 14,000 фотографии, треба да бидат собрани на еден минијатурен диск. Неколку примероци ќе бидат дистрибуирани низ светот, а еден од нив ќе биде чуван и во Конгресната библиотека. Дисковите имаат животен век од 10,000 години, а можат да бидат читани со јак оптички микроскоп.

Сопствениците на сајтот ќе го продадат доменот за околу 30,000 долари, и со тие пари ќе покријат дел од трошоците за правење на плочките. Дури и поголеми сајтови од нивниот немаат вложено толкав напор во архивирањето на содржините. Дигиталните податоци многу полесно „испаруваат", а енергијата која треба да се вложи за одржување на архива (плаќање сервери, правење постојан бек-ап) е многу голема. Но правењето ваква дигитална временска капсула освен практични предности има и симболичка конотација. Таа е „конзервиран оптимизам", бидејќи го материјализира верувањето дека луѓето ќе постојат доволно долго за да ги пронајдат и декодираат артефактите на далечното минато.

Гореспоменатиот Џејкобс го започнал неговиот проект со една мотивација, но ризницата ја отворил со сосема поинаква. Од 1936 до 1938 тој бил сведок на подемот на нацизмот, па во свечениот говор изјавил:

„Светот во моментов почнува засекогаш да ја уништува нашата цивилизација. Затоа ја правиме оваа ризница, за да оставиме нешто од неа за вас, идните генерации".

Говорот бил исто така снимен и архивиран, заедно со останатите материјали.

Во однос на ваквата архивска граѓа, онаа од некаков сајт, чија содржина е генерирана од самите корисници, може да изгледа тривијално, нешто што баш и не би морало да се чува за идните поколенија. Од друга страна, неговите сопственици сакаат да остават трага од животот на тн. обични луѓе, нивните мисли, чувства и желби. Идејата најпрвин била тоа да се стори преку печатени книги, но стратегијата се променила по разговор со Кевин Кели, основач на списанието Вајрд и член на фондацијата Long Now, која го раководи проектот Розета, за архивирање на 1500 постоечки јазици на мал диск (фото горе)

Дали нешто од сето ова навистина ќе патува низ времето и ќе стигне до некои идни луѓе, на коишто нешто ќе им значи? Кој знае...

13 мај 2016 - 10:57