Како 40 ерменски деца го промениле текот на етиопската музика

„Етио-џез“ денес е фузија на етиопска народна музика, фанк и западен џез. Но во него е вграден и еден необичен елемент, од култура која навидум нема никаква музичка допирна точка со Етиопија - ерменската.

Во 1924, етиопскиот принц Рас Тафари го посетил Ерусалим. Додека шетал низ ерменскиот кварт со придружбата, наишол на музичка група од 40 деца. Нивниот талент му оставил голем впечаток. Откако се распрашал за младите уметници, сфатил дека тие се сирачиња од ерменскиот геноцид (отоманското истребување на 1.5 милиони Ерменци од 1914-1923), ги посвоил и ги донел во Адис Абеба. Со тоа, на необичен начин, започнала музичка ренесанса во Етиопија која траела во следните неколку децении.

Арба Лијоч, или „40-те деца“ на ерменски, добиле музички стипендии и сместување. Го формирале Кралскиот лимен оркестар, со што започнала до тогаш непозната традиција во етиопската музика, на користење лимени инструменти. Нивен професор бил Кеворк Налбадијан, исто така сираче со ерменско потекло. Импресиониран од нивниот напредок и вештини, кралот Селасие побарал од Налбандијан да компонира национална химна на Етиопија. Таа била изведена од страна на оркестарот на 2 ноември 1930, на денот на крунисувањето на наследникот на Селасие, императорот Рас Тафари, под наслов Мерш Тефери.

Налбандијан и неговиот внук, Нерсес, на тој начин ја вградиле лимената музика во етиопското музичко ткиво, кое до тогаш се потпирало на жичани инструменти, на пример на пентатонскиот инструмент крар (вид гитаро-харфа). Врз оваа основа уметници како Мулату Астатке подоцна кренале ѕидови и поставиле покрив, креирајќи фузија на етиопската народна музика, западниот џез и фанкот, за да го создадат специфичниот етио-џез.

По свргнувањето од престол на Хајле Селасие и доаѓањето на власт на воената хунта која вовела полициски час, до тогаш живата џез сцена во земјата била речиси уништена. Дури и по паѓањето на хунтата, во 1991, голем број Етиопијци продолжиле рано да се прибираат дома, од навика.

Необичната музичка врска Ерменија-Етиопија е опишана во документарецот „Тезета: етиопските Ерменци“ од 2016. Тој покажува како една мала група луѓе може да изврши огромно влијание врз една географски и културолошки оддалечена традиција.

22 јуни 2019 - 10:42