130 години од раѓањето на Франц К.

Кафка за деца

Двете ќерки на Матју Рот, 34-годишен писател и дизајнер на видео игри од Бруклин, многу му досаѓале со прашања дур едно попладне се обидувал да прочита неколку реда од омилениот писател. Неговото решение - книга со неколку раскази на Кафка, прераскажани ко за петгодишни.

Една од функциите на бајките, според нивните аналитичари, е тие да ги подготват децата за живот, па соочувајќи ги со морбидното и страшното да им овозможат да развијат механизми за излегување на крај со овие чувства. Ако тоа е така за Црвенкапа или Волкот и седумте јариња, зошто не би било и за - Кафка?

Расказот кој прв му паднал на памет на Рот бил „Метаморфоза", за патувачкиот трговец Грегор Самса, кој од нигде никаде се трансформира во огромна бубачка - идеално за постигнување на гореспоменатиот ефект. Следеле расказите „Џозефина пејачката, или луѓето глувци" и „Екскурзија во планините", песна во проза во која говорникот замислува пат во природа „со група никој". Така е создадена книгата „Мојот прв Кафка: одметници, стаорци и огромни бубачки", која излезе пред еден месец. Текстот на трите раскази е прилагоден за деца, напишан во форма на певлива песничка, а целата атмосфера потсетува на Морис Сендак и неговата „Таму кајшто живеат дивите нешта".

Трите приказни се придружени со илустрации на Роан Даниел Исон - црно-бели цртежи, кои не се баш карактеристични за детските сликовници кои најчесто „вриштат" од бои. Во ерата на политичка коректност кога е во прашање детската литература, критичарите сепак го дочекаа со одобрување потегот на Рот, оценувајќи ги расказите на Кафка како ништо пострашни од она што се случува не само во традиционалните бајки, туку и на пример кај еден Луис Керол, во неговата „Алиса“. Самиот Кафка бил голем љубител на бајките, и и ги читал Андерсен и браќата Грим на неговата вереница. Во повеќето негови дела главниот јунак е на милост и немилост на некаква апстратна сила која создава можеби мала, но сепак значајна непријатност - како на пример да се разбудите како инсект.

„Возрасните очајно сакаат да се чувствуваат безбедно", изјавил Морис Сендак во 1993, „и тие тоа го проектираат врз децата. Но никој не помислува колку се паметни децата, тие сакаат да се соочат со тешките концепти, сакаат нешто да научат". Ако е така, тогаш можеби ќе треба иста вака адаптација и на „Процес“ и „Замокот“, за и ние возрасните на суптилен, но ефикасен начин да се соочиме со кафкијанските стравови. Не со вампирите или волкот со кои можеби одамна сме излегле на крај, туку со невидливата бирократија или со тоа да бидеш обвинет за злосторство за кое појма немаш дека си го извршил.

Бонус: критика на книгата од еден 11-годишен читател.

 

 

3 јули 2013 - 08:06