Каде е, што прави Теренс Трент Д’Арби?

Новите генерации тешко дека го знаат, но ние го памтиме по неговиот одличен деби албум од 1987, кога беше прогласен за конкурент на Мајкл Џексон и Принс. Потоа ѕвездата како да му згасна. За неколку денови издава нов албум, под новото име, Сананда Маитреја. 

„Сајн јор нејм акрос мај харт..“ - оваа песна во осумдесетите толку се пушташе на сите можни „носачи на звук“ (вклучително и на тогаш убер актуелната Ем-ти-ви) што ни има омрзнато за сите времиња. Но факт е дека Теренс Трент Д’Арби беше откритие на крајот на осумдесетите, форсиран до момент кога за да преживее морал да го смени името и идентитетот, и комплетно да се повлече од музичкиот живот.

Во ново, ретко интервју за Гардијан, Теренс, сега под името Сананда Маитреја, зборува за претходниот живот како за нечиј туѓ, со „тој“ наместо со „јас“. И за новиот албум кој ќе излезе деновиве.

„Луѓето прашуваат - зошто си го смени името? Кога имаш душа која веќе не е функционална, бараш друга. Или умираш - се убиваш - или си мислиш: ’Не, имам уште работи да завршам’“, вели тој. „Секогаш бев Сананда Маитреја, а тој (Д’Арби) имаше улога во претходната форма, која кога ја исполни едноставно го исклучија.“

Иако не е баш јасно кои се „тие“ кои одлучувале за неговата судбина, тој самиот се дијагностицира со пост-трауматски стрес, и за последиците не ги обвинува ни дрогите ни алкохолот.

Пред триесет години Д’Арби, Американец со мешано шкотско-ирско и домородно американско потекло, започнува кариера во Британија. Андрогино атрактивен, со јака сексуална харизма, тој успева да го продаде дебитантскиот албум The Hardline According To Terence Trent D'Arby во милион примероци за само три дена. Албумот мина 9 недели како број 1 во следните осум месеци, а хитовите Sign Your Name, Wishing Well, If You Let Me Stay му обезбедува барем привремена позиција на музичкиот Олимп. На врвот на славата се дружел со Мик Џегер, Џек Николсон и принцезата Дијана.

Но како што понекогаш се случува во превртливиот свет на музичката индустрија, вториот албум не му е прифатен како што се очекува. Според негово толкување, не е до неговиот квалитет, туку фактот што во тој момент нема место за уште една црна супер ѕвезда во областа на соул, ритам и блузот - работата била или тој, или Принс и Мајкл Џексон. Изборот на продуцентите и на публиката изгледа бил лесен. „Боговите (од музичката индустрија) мораа да сторат нешто“, вели тој, обвинувајќи го музичкиот естаблишмент за некој вид заговор против него, а поттикнат од поплаките на други, поголеми ѕвезди, кои го доживувале како ривал.

Без оглед дали Маитреја ја конструира оваа приказна само за да не полуди, или за да го рационализира неговиот пад без да понесе уметничка одговорност, тој се смета за политичка жртва (политичка во смисла на политиките на водење на музичкиот бизнис). „Смртта“ на Д’Арби се случува во 1989, само две години по првиот албум, по очајниот прием на Neither Fish Nor Flesh. На 27 години тој можел лесно да биде уште еден во „клубот“ на славни музичари кои починале на оваа возраст, заедно со Хендрикс и Кобејн.

Тогаш го напушта Лондон и заминува за Лос Анѓелес, каде живее како изолиран маченик. Следните 12 години во овој град ги опишува како пекол. Доживеал нервен слом од кој се извлекол со целосна промена на идентитетот. Денес живее во Милано со неговата сопруга-архитект и нивните два сина. Дека оваа стратегија функционира покажува тоа што Маитреја има нов албум, кој ќе излезе на 13 октомври, под наслов „Прометеј и Пандора“, со дури 53 рок, соул, џез песни, издадени под негова сопствена етикета. Целиот албум ја има таа митолошка жичка на занимавање со олимписки богови, но и со нивно пародизирање.

Уште го има бројот на Мадона и на славните, некогашните пријатели (машки и женски) во мејлови им се обраќа со „бич“. Но од никого (веќе) не бара да биде нешто што не е. „Бог ме благослови со добар живот и покрај сите срања. Не просам на улица. Голем број колеги не преживеаа. Јас немам опрадување да не продолжам. Ниту едно!“.

Неговата најдобра песна од времето:

6 октомври 2017 - 09:23