„Јас“, „осамен“, „секогаш“

Jaзикот на депресијата

Не зборуваме за она кога имаш лош ден или си нерасположен затоа што е облачно. Станува збор за долготрајно пореметување на чувствата, мислите и однесувањето, чии последици се необјаснива тага и губење интерес за нешта кои некогаш радувале. Границата помеѓу овие нешта може да изгледа тенка, но има сигнали кои упатуваат дека е премината. И тоа во начинот на кој некој зборува.

„Јазикот на депресијата“ е еден од симптомите на оваа болест, а нова студија објавена во Clinical Psychological Science открива класа зборови кои можат да помогнат во точното дијагностицирање. Традиционално, лингвистичката анлиза на ова поле се одвива(ло) преку анализа на пишувани текстови, како дневници, интервјуа на познати уметници, писма. Но денес компјутерските методи на текстуална анализа овозможуваат процесирање на огромен број податоци. Ова помага за да се забележат лингвистички карактеристики кои луѓето можат да ги пренебрегнат, да се пресмета процентот на доминација на одреден вид зборови, лексичкиот диверзитет, просечната должина на реченицата, граматичките шеми и голем број други квантитативни индикатори.

Јазикот главно може да се подели на две компонентни: содржина и стил. Содржината се однесува на она што го изразуваме, самата тема или значењата кои ги комуницираме. Во однос на ова луѓето со симптоми на депресија користат прекумерно количество зборови кои отсликуваат негативни емоции, особено негативни придавки, како „осамен“ или „тажен“.

Но поинтересна е употребата на заменки. Иако обично сметаме дека оној кој често зборува во прво лице еднина е себичен или егоцентричен, истото може да укажува на депресија. Доминацијата на „мене“ и „јас“ на сметка на „тие“ или „тој/таа“ сугерира дека луѓето со депресија се пофокусирани на себеси а многу помалку поврзани со други. Според истражувачите ова со заменките е многу посигурен начин на детектирање депресија отколку зборовите за негативни емоции. Сепак, не е сосема јасно што е јајцето а што кокошката, дали депресијата предизвикува луѓето да се фокусираат на себеси, или пак луѓето кои се фокусираат на себеси почесто запаѓаат во депресија?

Стилот пак се однесува на начинот на којшто се изразуваме. Според спомнатото истражување, кое се состоело од анализа на 64 онлајн форуми за ментално здравје, со над 6400 членови, една од доминантните карактеристики се тн. „апсолутистички зборови“, кои отсликуваат апсолутни пропорции или веројатности, како „секогаш“, „ништо“ или „целосно“. Овие се многу чести во испитуваните содржини.

Ваквиот „екстремизам“ во изразувањето, кое сугерира исто такво мислење, покажува дека оние со депресија имаат тенденција да го гледаат светот црно/бело. Споредено со 19 различни контролни форуми, доминацијата на апсолутистичките зборови е 50% поголема на форумите на кои се зборува за ансиозност и депресија, а 80% поголема на форумите на кои се зборува за самоубиство. Дури и на форумите на оние кои тврдат дека се излечиле од депресија бројот на апсолутистички зборови е значајно поголем од оној кај контролните. Бидејќи за оние кои претходно имале депресивни симптоми е поверојатно дека повторно ќе ги имаат, поголемата тенденција за апсолутистичко мислење може да игра улога во повторувачките епизоди.

Голема улога во разбирањето на јазикот на депресијата има комбинирањето на автоматизираната анализа на текст со машинско учење, за да се класифицираат поголем број состојби. Притоа се користат и други текстови освен коментари на форуми, како на пример блог постови. Ваквиот метод веќе покажува подобри резултати од оние на професионалните терапевти, бидејќи укажува и на подкатегории ментални проблеми, како социјална анксиозност или проблеми со самодовербата.

Со оглед на тоа што Светската здравствена организација проценува дека во светот живеат повеќе од 300 милиони луѓе со депресија, при што бројот се зголемил за 18% од 2005, ваквите алатки се повеќе од потребни за да се спречат евентуални трагични последици, како оние на Плат или Кобејн.

9 февруари 2018 - 09:16