„Јазик" не постои?

Лесно е да напишеш текст со ваков наслов, а притоа да си Американец, професор на Колумбија и лингвист кој генерално се радува на разновидноста на дијалектите, промовирајќи го тоа мноштво пред идејата за еден единствен монолитен „јазик". Кога би го напишал наш човек, тоа веднаш би звучело како негирање и на јазик, и на народ, и на куќен совет и на роднини до трето колено. А објаснувањето некако има смисла.

Кога Швеѓани, Данци и Норвежани опуштено прават муабет во кафана, секој од нив може да си зборува на својот јазик со мали варијации, и тие фино да се разберат, иако формално тоа се три различни јазици, поврзани со идентитетот на три различни народи. Истото, како што добро знаеме, важи и на балканско тло, се разбира ако (на пример) Босанец, Хрват и Србин можат да прават муабет доволно долго без да се испокараат на кој и да е јазик.

Од друга страна, вели лингвистот Џон МекВортер во Атлантик, кога велиме „кинески" мислиме на оној јазик кој постои само на хартија, и во којшто секој симбол повеќе или помалку е ист за сите кинески „дијалекти" (мандарински, тајвански, кантонски). Но на ниво на говорен јазик мандаринскиот и кантонскиот се поразлични отколку на пример шпанскиот и италијанскиот, па оттаму е тешко тие да се наречат „дијалекти".

Вакви случаи како скандинавскиот и кинескиот има низ цел свет. Мароканскиот колоквијален „арапски" е различен од истиот тој вид во Јордан, и се разликува колку чешкиот од полскиот. За да се разберат меѓу себе Мароканецот и Јорданецот би морале да комуницираат на модерен стандарден арапски. Сепак првите сметаат дека, заради историски и културни фактори, зборуваат различни видови на еден ист арапски, додека Европејците во примерот сметаат дека зборуваат два различни јазици.

Но тоа не било отсекогаш така. На теренот на Европа историски постоеле многубројни дијалекти кои се прелевале еден во друг. Со формирањето на националните држави секоја нација си одбрала еден „дијалект" како основа на стандардниот јазик, но во реалниот живот ситуацијата била многу посложена. Траги на ваквата историска ситуација има и денес - во Каталонија „клуч" е clau, на север во Окситанија е исто clau, во француска Прованса е clâ, кај Ретороманците во швајцарските Алпи е clav, во северна Италија е ciav, а на она што е познато како стандарден италијански chiave.

Дали се ова примери од различни дијалекти, или од различни јазици? Ако дефиницијата на „јазик" подразбира постоење кодифицирана граматика и книжевност, а дека дијалектите се орални, без такви стандардизирани правила, тоа од нив прави некој вид „несофистициран јазик", алатка за комуникација која не е соодветна за искажување сложени мисли и апстракции.

Но вистината е сосема поинаква. Често опскурните, непишани дијалекти се граматички многу посложени од тн. „јазици". Така, во дијалектот/јазикот арчи, кој се говори на Кавказ, еден глагол може да се појави во 1.025,839 различни форми (?!) - а тоа е илјада пати повеќе глаголски форми од бројот на луѓе кои ги употребуваат. Ако е до сложеноста арчи е јазик, а англискиот не е.

Оттаму, заклучува авторот на текстот, јазикот не е ништо друго туку дијалект којшто бил ставен во „излог", и претставен како јазик, од практични, идеолошки, политички и секакви други причини. Но ако нешто во одредени историски околности било стандардизирано, тоа не го прави подобро од она другото. Затоа што и бира и пиво нам ни звучи добро.

„Јазици“ на сајтов:

Гевгелиски

Битолски

Охридски

Кумановски

22 јануари 2016 - 10:55