Јасновидецот Кептен Бифхарт

Луѓето кои го познавале Дон Ван Вилет аka Бифхарт кажуваат дека тој имал необични дарби, кои ги надминувале оние музичките. И дека, меѓу другото, го предвидел убиството на Џон Ленон.

Еве што вели за тоа Лестер Бенгс, еден од најпознатите американски рок критичари:

Еднаш во Детроит влегов од задната врата додека тој свиреше на сцената. Во моментот кога се приближив до завесата од кадешто можев да го гледам, тој јасно изговори - Лестер! Во тој момент ми беше свртен со грбот. Подоцна ме праша дали сум го забележал тоа. Бев малку потресен.

Гитаристот Гери Лукас од бендот на Вилет се сеќава дека тој често им кажувал кога ќе им ѕвони телефонот, една секунда пред тоа да се случи. Но најинтересниот момент на интуиција му бил оној од 8 декември 1980, кога бил застрелан Џон Ленон.

Прекинувајќи го интервјуто коешто го давал во моментот, Дон рекол: „Чекај малку, го слушна ова?". Никој не потврдил дека слушнал каков и да е звук. „Нешто навистина лошо ќе се случи. Не можам да ви кажам што е точно, но сигурно ќе биде на насловните утре". Тоа било во осум навечер. Ленон бил застрелан во десет минути до 11 истата вечер.

Од своја страна Ленон бил фан на Кептен Бифхарт, и тоа особено на неговиот деби албум со Magic Band, Safe As Milk - стикери со насловот на овој албум имало по вратите на куќата во Кенвуд кадешто Џон живеел од 1964-1968.

Бонус: поезија на Ван Вилет, за луѓето со своја „ѕвезда", каков што бил и тој

КАФЕНА ЅВЕЗДА

Знам за една кафена ѕвезда
која ја имаат најдено само некои луѓе.
Со години ја барале наоколу,
многумина од нив гледајќи горе
малкумина гледајќи доле.
Така тие трагале на секој крај за тој мал сјај
кој ќе ги направи посреќни.
Некои барале брзо и го одминале,
некои барале бавно но не успеале.
Можете да прашате едно куче зошто е толку среќно,
што само мафта со опашката.
Но прашајте маж или жена дали виделе
кафена ѕвезда
некои ќе речат да, некои ќе речат не
некои само ќе се смеат, а некои само ќе руменеат
некои ќе речат зошто прашувате?
некои ќе речат зарем не знаете.
Потоа ќе има еден што ќе рече -
најдена е веќе!
Но прашајте некое дете и тоа само ќе скока од радост
викајќи – најдовме кафена ѕвезда
токму тука, на земјата.

17 февруари 2015 - 14:20