Кој работи тој прави печатни

Извинете за сите грашки

„Нека оној кој во животот не напишал ниту еден текст со печатна грешка го фрли првиот коректор", би можела да гласи првата заповед на Божицата на совршениот текст.

Со коректорските грешки е обично така: имате брилијантен талент да ги забележите од километар во туѓи текстови, да бдеете над оние на колегите, кога ќе фатите книга некако волшебно да ви се отвори баш на страница каде има не една, туку две-три, а во вашите статии, кои знаете да ги проверувате и по неколку пати, нема да видите некоја која толку штрчи, што се заканува некому да му прободе очи.

Наместо извинување на крајот од годината за ваквите пропусти, малку утеха во фактот дека и други, исто така сериозни сајтови, ги прават. Еве некои од минатата година.

Исправка од The Toronto Sun, и сè убаво додека човек не го забележи насловот. Нè потсети на слична во еден наш ресторан. 

Корекција од Њујорк Тајмс од јануари 2012, која не е печатна но е прекрасна: „Во претходна верзија на овој текст непрецизно е опишана сцена од The Shining. Господинот со чудниот човек во мечешка облека носи фрак, но не и цилиндер.“

Сеир минатата година се фаќаше за погрешното спелување на Америка од страна на Ромни, кога тој и неговите соработници за време на кампањата лансираа фото апликација (нешто како Митстаграм) која ви овозможува да фотографирате и да закачувате про-Ромни пораки на сликите. Како на пример онаа за „подобра Амеркиа".

Медиумите не му останаа должни и на Обама и неговото погрешно спелување на Охајо,

како и на чудното лого на неговата кампања со „Напред" и точка. И навистина е восхитувачки што може да ти направи еден единствен интерпункциски знак, како во оваа стилска вежба -

Forward!

Forward?

Forward ...

Forward @!%$*

Forward,

"Forward"

Forward—

Forward:

Една од најчестите коректорски во американските медиуми (кој знае зошто) е името на градоначалникот на Њујорк, кого често го прекрстуваат од Блумберг во Блубмерг.

Meѓу исто така честите и ептен смешните коректорски е замената на public (јавно) со pubic (пубично, генитално), како во оваа реклама за Lyndon&Johnson shcool of Pubic Affairs. За да биде уште поглупаво извинувањето кое го издало факултетот има уште еден тајпо (eggregious/egregious).

Не е ич смешно, ама смешно е кога наместо „пукал во себе" (shot himself) некој ќе напише „се усра".

Колку и да се банални, коректорските грешки се токму тоа, грешки, и не изгледаат убаво ни на хартија, ни на сајт.  Иди поправи ги на монитор со коректор...

14 декември 2012 - 10:48