Извинете, ама Мона Лиза не гледа во вас

Нова студија вели дека очите на познатата слика не ги следат оние кои стојат пред неа, туку гледаат малку по десно.

Има голем број митови во врска со Мона Лиза - дека тоа е всушност портрет на самиот Да Винчи, дека вклучува скриени референци на древни книжевни дела (конкретно на поетите Хорациј и Петрарка), или дека содржи тајни кодови составени од бројки и букви скриени во нејзините очи. Сепак, една од најцврсто воспоставените идеи е дека без оглед каде се движат гледачите низ салата, очите на Ѓоконда секогаш гледаат директно во нив.

Германски когнитивни научници од универзитетот Билефелд во Германија решиле да го испитаат ова. Тие замолиле 24 учесници во истражувањето да гледаат директно во сликата, и да користат долг линеар за да го покажат правецот во кој според нив гледаат очите на Мона Лиза. Мерките биле повторени и со кропирана и зумирана слика на 15 различни начини, вклучително и со слики кои ги покажуваат само нејзините очи. Вкупно тимот собрал 2000 мерки на погледот на Мона Лиза.

Резултатите покажуваат дека сликата гледа кон десно, и тоа во просек под агол од 15.4 степени. Тоа е исто како кога некој се обидува да ви гледа преку рамо. Ова не значи дека ефектот на Мона Лиза не постои, туку само дека тој веројатно треба да се преименува и да носи име на некој друг портрет.

За да се создаде чувство на постојана изложеност на поглед кој доаѓа од фотографија или слика личноста претставена на нив треба да гледа под агол од 0 степени. Со малку понакосен поглед тој или таа можеби гледа во вашето уво (агол од 5 степени), но како што аголот се зголемува чувството на тоа дека си гледан се намалува.

Истражувачите велат дека многу посоодветен за ваквиот ефект би бил на пример „Коњаникот кој се смее“ на Франц Халс (горе). Но оваа не е ни од далеку толку славна слика, а луѓето сакаат да бидат во центарот на вниманието на некого кој е токму таков, надалеку познат и славен, каква што е Мона Лиза.

Оттаму, ако таа гледа преку вашето рамо, се поставува прашањето: кој стои таму?

Претходно: Кога Пикасо и Аполинер биле обвинети за кражба на Мона Лиза

18 јануари 2019 - 16:31