Изложба која сигурно ќе ве расплаче

Нова поставка во лондонската галерија Тејт модерн вклучува просторија во која постојано се прска органско соединение кое стимулира „присилна емпатија“. Дајте веднаш увезете шлепер!

За оние кои во последно време станале нешто тврди на срце и тешки на плачење, кубанската уметница Тања Бругуера има решение - ем да си одите на изложба, ем фино да се исплачете.

Дали уметноста може да поттикне емпатија? Новата изложба во Тејт модерн во Лондон го поставува ова прашање фокусирајќи се на масовната миграција низ светот и ризиците со кои се соочуваат оние кои од различни причини ги напуштаат своите домови. Насловот на инсталацијата всушност ја претставува променливата (растечка) бројка на луѓе кои мигрирале минатата година, на која е додадена бројката на смртни случаи на мигранти во истиот период.

Голем дел од поставката бара од гледачите физички да комуницираат со изложените дела. Додека низ просториите ечи музика со длабоки басови, која создава чувство на итност, дел од посетителите лежат на топлински сензитивниот под за нивната телесна топлина да открие портрет на сиријски бегалец по име Јусуф. Притоа, за да се открие целиот се потребни 150 и повеќе луѓе.

Но „собата за плачење“ е најекслицитниот начин на кој оваа изложба се обидува вештачки да поттикне емоции. Кога посетителите влегуваат во неа, на подлактицата им се удира печат со најновиот наслов на изложбата. Потоа почнува да работи прскалката со органското соединение кој нема непријатен мирис - нешто помеѓу силен ментол и бибер. Луѓето почнуваат реално да плачат, да реагираат физички, иако присилно, а не само со расплакани емоџиња, како што обично се реагира на трагични вести онлајн.

Критичарка на делата на Бругуера ја има оценето нејзината уметност како arte útil или корисна уметност, која ги поврзува уметничкото и активизмот. А некогаш е корисно и само да се исплачеме.

5 октомври 2018 - 08:28