Излезе заборавена книга од 1948 на член на британската бригада која ја градела пругата Шамац-Сараево

Неодамна во издание на Фабрика књига од Белград излезе превод на книгата „Пругата: авантура на изградбата“, изворно објавена на англиски во Лондон во 1948, која до сега не била приопштена на ниту еден од некогашните југословенски јазици.

Уредник на изданието Тhe Railway: An Adventure in Construction од 1948 бил Едвард Палмер Томсон, тогашен командант на Британската бригада, а подоцна историчар од левото политичко крило. Иако се води како нејзин главен автор, книгата е всушност импресивно сведоштво на членовите на Британската бригада кои во летото 1947 учествувале во изградбата на пругата Шамац-Сараево. Таа течела паралелно со реката Босна и била нарекувана „крвоток на земјата“.

Еве дел од книгата, која е интересна од историска перспектива, но особено во контекст на она што се случи со истата таа земја, чии луѓе Британецот ги опишува како „нова, искрена и другарска генерација“.
 

Нема ништо посебно во таа пруга. Добра е, изградена по стандардни европски мерки и долга 240 километри. На почетокот по неа возовите ќе одат на пареа, но кога за три-четири години ќе се заврши електрификацијата предвидена со Петгодишниот план, железницата исто така ќе биде електрифицирана, секако над земја, бидејќи и покрај добрите огради би било невозможно да се спречат босанските кози и босанските кучиња, па дури и босанските деца да не залутаат на пругата. Таа минува низ седум тунели, а еден од нив, Врандук, е долг повеќе од 1500 метри. Тука се и многу мостови преку реката Босна и одводни канали за водни текови кои се суви и каменести лете, но во есен и на пролет, кога снегот од планината ќе почне да се топи, се претвораат во матни и запенети порои. Постојат и голем број попатни железнички станици покрај селата со боја на бела глина.

Необично во врска со оваа пруга е начинот на кој е градена. Тоа е младинска пруга. Кога луѓето во Британија прв пат слушнаа за Младинска пруга, мислеа дека станува збор за некаква шега, пропаганден трик или голем ученички камп. Некои замислуваа дури и возови-играчки.

Но на пругата Шамац-Сараево нема возови играчки. Таа метална лента која завива низ долината на Босна е снагата на нова Југославија. По неа ќе се пренесува јаглен, железо, руда, машини, дрва. Тие ќе донесат напредок во Босна, една од најзаостанатите Народни републики. Новите фабрики кои никнуваат крај неа ќе ја подобрат материјалната состојба на луѓето во цела Југославија. Изградбата на пругата беше најважен југословенски проект во 1947.

Неа не ја градеа слабо платени ирски градежни работници, ниту невработени извлечени од „работните резерви“. Не е градена бавно, фушерски и со големи трошоци, работите не ги водеше странска компанија чии пипала ќе останат да ги цицаат осиромашените селани.

Пругата му припаѓа на народот на Југославија. Луѓето за неа велат „нашата пруга“. Некогашните австриски претпријатија кои имаат изградено голем дел од предвоениот железнички систем во Југославија веројатно би го завршила проектот за девет години. Изградбата на Младинската пруга почна на 1 мај 1947, а првиот воз од Шамац до Сараево тргна на 15 ноември истата таа година. Работите, и дење и ноќе, ги обавуваа волонтери од 16-25 години-млади работници и работнички, студенти и студентки, ученици и ученички, млади селани и селанки.

Големиот мост преку Сава кај Шамац го изградија, пред рокот, студенти на техничките и градежните факултети, демобилизирани инвалиди и некогашни партизани. Во војната некои од тие момчиња и девојки ја имаат загубено раката или ногата. Тунелот Врандук е изграден пред рокот. Помеѓу работниците кои го градеа имаше и млади селани, студенти по рударство од Белград, млади бегалци од теророт во Грција. Работите ги надгледуваа двајца-тројца инженери. Работниците имаа компресори, бушилки, динамит, вагонети, рударска опрема. Но поголемиот дел од работите се одвиваше без стручен надзор и користен е само најпримитивен алат - голи раце, ашови, копачи, тешки колички. Сепак, работата е секогаш завршувана пред планираниот рок...

...Оваа книга не е пропаганда. Ова е приказна за она што го видовме додека работевме со бригадирите на пругата, што го слушнавме додека разговараа, од угледни предавачи и младински раководители до готвачи, службеници и ученици, што чувствуваме додека навечер игравме оро, скандиравме или пеевме околу логорскиот оган...Во младите Југословени видовме црти на одлучни, самоуверени и креативни луѓе. Знаеме дека нашите пријатели, љубопитни и добро информрани, со демократски настроен и горд дух, постојано ќе одолеваат на сите надворешни и внатрешни нападни на нивната слобода. Убедени сме во тоа бидејќи набљудувавме како во онаа босанска долина се гради не само пруга туку и силно меѓународно разбирање, како се создава легенда која ќе ја восхити и ќе ја инспирира иднината, како се создава нова, искрена и другарска генерација на луѓе.

Целиот вовед на Томсон (на српски) тука

21 октомври 2020 - 19:24